Пред 73 години, ноќта на 29-ти јануари 1946-та година во 23.20 часот, се случила најголемата Железничка несреќа во Македонија. Билансот на загинати 15. Несреќата се случила во близина на железничката станица Рајко Жинзифов, близу Велес. За овој настан нема информации, тешко се доаѓа до нив. Скромно во книга од велешкиот новинар Петар Алексовски во неколку реченици е забележана оваа несреќа.
Возот кој вечерта тргнал од Скопје во 21 часот удрил во падната карпа, од одрон, кај месноста Влавчани на делот од пругата после Рајко кон Велес. Возот бил преполн со патници кои биле во 3-4 патнички вагони. Бидејќи во тоа време немало многу локомотиви, по повоена Македонија, со истиот воз на 5-6 товарни вагони се превезувало железнички шини и прагови за пругите кои се обновувале од војната. По ударот на локомотивата во паднатата карпа, освен што дел од патничките вагони излетале, во нив продреле дел од стоката која ја превезувале товарните вагони, шините. Тоа предизвикало да на лице место умрат 15 патници а 40 да бидат потешко повредени- запишал Алексовски.
За оваа несреќа знае и велешанецот Владимир Пармаков. Неговиот татко бил еден од бројните повредени.
Татко ми Андреја ми раскажуваше за несреќата. Тој се враќал од Тетово, каде како трговец имал работа. Се случила доцна ноќта, откако удрил во карпа која била на шините. Знам дека возот завршил во реката Вардар а бидејќи местото било тешко пристапно, војската која дошла на помош имала сериозни потешкотии да помага. На татко ми Андреја ногата му е тешко повредена и цел живот, до 91 година возраст тој имаше мака, такво било времето немало современи апарати за да се помогне – се присетува познатиот велешки угостител Пармаков.
Меѓу загинатите патници имало лица од Битола, Валандово и други места. Во помош притекнала војската која ги вадела телата од згмечените вагони а мртвите и ранетите со тешкотии се пренесувале до Велес. Ранетите со возила на УНРА, со ,,џемсови ,,биле пренесувани во скопските болници, затоа што велешката не можела да им даде помош.
Во Архивот на Република Македонија, пребарувајќи ги книгите на Македонски железници од овој период, никаде нема документ за оваа несреќа. ВО МЖ исто така немаат документација.