Македонија

(Видео) Зеќири осуден на 2 години и 6 месеци затвор

Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска го осуди ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири за злоупотреба на службената положба и овластување. Тој доби затворска казна. Судијката посочи дека Зеќири треба да ги надомести парите кои државата ги плаќала поради неговите склучени договори во четири очи. Нема да му се конфискува недвижниот имот во Чаир, како што бараше обвинителката Катерина Коларевиќ. Истовремено, нема да се конфискуваат ниту парите најдени во сефот на сопругата на Зеќири.

„Обвинетиот Мухамед Зеќири сторил злоупотреба на службена положба и овластување. Обвинетиот го осудувам на казна затвор од 2,6 месеци“, кажа судијаката.

„Постапил спротивно на закон со намера за друг да прибави имотна корист. Тој прибавил противправна имотна корист за правни лица. Со умисла му помогнале и хрватски државјани, кои се недостапни на органите на прогон. Прибавиле 57.930.100 денари. Износот бил исплатен од Владата, а на штета на буџетот на Република Северна Македонија“, рече судијката Јанчулева-Михаиловска.

Јанчулева-Михаиловска ја образложи пресудата.

На поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири му се пресуди за два склучени одговори кои ги склучил без јавна, со што според Кривичниот суд, го оштетил државниот буџет за околу 1,5 милиони евра. Зеќири се товари дека со умисла во повеќе наврати ја злоупотребил функцијата генерален секретар на Владата и со тоа извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба.

Првиот договор е за консултантски услуги во врска со АД „Пошта на Северна Македонија“, во која постапка се осомничени и двајца хрватски државјани кои се недостапни за македонските правосудни органи. Договорот бил потпишан на 4 мај 2021 година, со што Зеќири склучил договор за консултантски услуги вреден 795 000 евра. Фирмата со која бил склучен овој договор била формирана само дваесет дена пред неговото потпишување, а еден од Хрватите осомничен во постапката е соосновач и управител. Оваа фирма понатаму склучила уште еден договор со вториот осомничен Хрват за износ од 130 000 евра.

„Во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари (околу 942 000 евра), што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18 отсто ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, соопшти Обвинителството.

Вториот договор за кој се гони Зеќири е за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Железници“ – Транспорт АД Скопје и бил склучен на 23.06.2021 година, со друга консултантска фирма во вредност од 772 400 евра без ДДВ.

„На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162 денари (околу 183.000 евра) за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138 денари (околу 378.000 евра), за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, велат од Обвинителството.

Постапката за двајцата Хрвати ќе продолжи кога ќе бидат достапни за органите на прогонот.

На почеток