Македонија

Алијансата се подели и се пребројува

Алијансата за Албанците се подели по прашањето за настап на изборите. Арбен Таравари објави дека бара поддршка од Централното собрание за да одат на избори со албанските опозициски партии.

@Како претседател на Алијансата за Албанците, јавно го поканувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го поздравиме овој процес којшто го сметам за Голема и долгоочекувана промена! Никогаш оваа промена не била побезбедна и попотребна. Никој нема поголем кредибилитет од Алијансата да ја донесе оваа промена! На пат сме, по патот што го трасираше Арбен Џафери“, објави Таравари.

На ова се спротивстави министерот за правда Кренар Лога, кој пак напиша дека партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Со ист став како Лога е и претседателот на Централното собрание и поранешен прв човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Тој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Се огласи и Потпретседателот на Алијанса за Албанците, Илире Даути.

На барањето поддршката на партијата за одење на избори заедно со албанската опозиција, таа му одговори на Таравари:

@Не, благодарам! Слободата на одлучување на членството не ја заменуваме со ништо. Предлозите се доставуваат до Претседателството и таму се носат одлуки, па доколку поминат се проследуваат до Централното собрание. Единствениот предлог што помина на Претседателството, за кој вие самите гласавте е: Алијанса за Албанците сами да излезат на избори. Толку зборувавте за демократија и против диктатура, вечерва го направивте спротивното. Да ја зачуваме Алијансата за Албанците и нашите вредности кои ги градевме со години“, вели Даути.

Ставот на Таравари го дели министерот за здравство Фатмир Меџити.

Дали е ова почеток на уште поголеми поделби во Алијансата на Албанците?

На почеток