Македонија

Минимум 100.000 граѓани кои немаат лична карта, а имаат пасош – нема да можат да гласаат на изборите, тврди Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, смета дека пратениците немаат правни ниту човечки аргументи за да ја поткрепат одлуката да се измени Законот со кој, патните исправи ќе важат до крајот на годината. Според Тошковски, жив срам е да се тврди дека Уставот е причина за граѓаните да бидат заробени. Со измена на Законот за патни исправи, граѓаните ќе бидат ослободени, смета тој. Министерот посочи и дека 100.000 граѓани нема да можат да гласаат.

„Само ние и Северна Кореја ги заробуваме граѓаните. Не знам како оние 54 пратеници гласаа против измените на Законот за патни исправи, а ќе можевме да ги ослободиме овие луѓе“, кажа Тошковски.

Според него, не се крши само правото на слободно движење, туку и правото на глас.

„Ова што ќе го кажам сега е реалност која ме загрижува особено од аспект на фер и демократски избори. Ние како држава сме должни да овозможиме на секој граѓанин да го оствари своето право на глас. Станува збор за над, минимум 100.000 граѓани кои имаат важечка односно неважечка патна исправа со старото име, кои што поради овие 54 лица, нема да можат да го остварат своето право на глас. Зошто? Затоа што овие граѓани, резиденти над 18 години, немаат лична карта и единствено со пасош можат да се легитимираат на изборниот ден“, објасни Тошковски на „Алфа“.

На почеток