Претседателот Пендаровски се обрати на комеморативната вечер по повод 81 годишнината од холокаустот на македонските Евреи
Непишано правило е улиците на главните градови да добиваат имиња на херои и на хуманисти, на значајни востанија и победи. Пример за тоа се скопските улици: „Илинденска“ , „Партизанска“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „9 Мај“. Но, има една улица што е исклучок од ова правило, бидејќи не е именувана според победа, туку, според пораз, пораз на човечноста и на хуманоста. Тоа е малата уличка на која денес се наоѓа Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи и е именувана според денешниов датум – „11 Март“.
На овој ден, пред 81 година, Евреите од Скопје, Битола и Штип беа насилно собрани од своите домови и транспортирани во зградата на скопскиот Монопол. Живото Еврејско маало што се наоѓало на просторов на кој денеска сме собрани, за час било испразнето и запустено. Тоа не била случајна или стихијна, туку, детално испланирана и спроведена акција на бугарскиот фашистички окупатор. Акцијата не била изолиран чин, туку интегрален дел од нацистичкиот план утврден на Конференцијата во Ванзе за „конечното решение на еврејското прашање“. Планот предвидувал систематско уништување на сета еврејска популација од Европа, вклучувајќи ги и Евреите од територијата на тогашна окупирана Македонија.
И ден-денес, речиси осум децении по крајот на Втората светска војна, никој не може да даде рационален одговор на прашањето како беше можно злото на холокаустот да се случи во економски најразвиениот континент, меѓу, до тогаш, најобразованата и најсофистицирана генерација.
Причините се повеќе. Вирусот на антисемитизмот што со векови тлееше во Европа ги перципираше различните како непријатели. На тоа се надоврза идеолошкиот нихилизам што ги подели луѓето и народите на супериорни и инфериорни. Конечно, брзиот научен и технолошки напредок ги обезбеди и средствата и методите за остварување на таа цел.Ова се дел од факторите што создадоа морален вакуум во кој категориите на доброто и на злото беа суспендирани, што резултираше со дискриминација, дехуманизација и масовно уништување на Евреите во нацистичките логори.
Единствената цел на овие индустриски комплекси била за најкраток можен рок да уништат најголем број луѓе. Гасните комори во Треблинка имале капацитет да убиваат меѓу 12 000 и 15 000 луѓе на ден. За само 13 месеци, од август 1942 до септември 1943 година, околу 900 000 луѓе биле систематски убиени. Меѓу нив биле и македонските Евреи кои во тоа време претставувале 98% од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна. Никаде во Европа таканареченото „конечно решение на еврејското прашање“ не било поефикасно спроведено отколку во тогашна окупирана Македонија.
Сведоштвата на преживеаните од нацистичките логори ја замрзнуваат крвта. „Сите се сомневаа дека нешто се случува“, вели еден сведок. „Јасно чувствуваа дека нешто не е во ред… но никој од нив ниту во своите најстрашни кошмари не можеше да замисли дека во рок од три или четири часа ќе бидат претворени во пепел“. Преживеаните се согласни дека во нивните јазици недостасувале зборови за да го изразат тоа поништување на човекот.
Во своите мемоари, Симон Визентал се сеќава на разговорот што го имал со еден есесовец при крајот на војната. „Замисли,“ рекол есесовецот „пристигнуваш во Њујорк, и луѓето те прашуваат: „Како беше во тие германски концентрациони логори? Што ви правеа таму?“
Визентал одговорил дека најверојатно би им ја кажал вистината. А, есесовецот цинично му рекол: ,,дали знаеш што ќе се случи? Нема да ти веруваат.Како некој би можел воопшто да поверува за овој ужас освен ако самиот не го искуси?“
Еден од преживеаните од Аушвиц, Примо Леви, се надоврзува на Визентал, тврдејќи дека оваа иста мисла ги прогонувала самите затвореници. Имено, дека речиси сите преживеани паметат еден сон, различен во деталите, но, единствен во суштината: „дека се вратени дома, дека на некој близок му раскажуваат за своите минати страдања, но дека не им верува, дури и не сака да ги слушне,“ бидејќи сведоштвата се премногу монструозни за да им се верува.
Македонските Евреи кои биле депортирани во Треблинка биле лишени дури и од можноста да сонуваат, а камоли да зборуваат бидејќи само часови по нивното пристигнување, сите до еден биле процесирани, соголени, спроведени во гасните комори, а нивните безживотни тела биле запалени. Од нив нема кој да зборува, бидејќи ниту еден не преживеал.
Нивните имиња, 7 144 на број, педантно евидентирани од страна на фашистите, денес се испишани под трите урни со пепел од Треблинка. Ние немаме право да заборавиме, бидејќи заборавот е втора смрт. Но, нашето сеќавање не смее да биде селективно. Чувајќи ги спомените за жртвите, не смееме да дозволиме злосторниците да бидат славени, а соучесниците рехабилитирани. Бидејќи на тој начин би учествувале во она што Примо Леви го нарече војна против меморијата и фалсификување на историјата. Ние не смееме да дозволиме фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи бидејќи компромисот со вистината отвора можност за повторување на злосторствата.
Антисемитизмот не е, и никогаш не бил македонски феномен. На нашиот простор постоел вековен меѓуетнички и меѓурелигиски соживот, и почитување на различностите. Нема посилен доказ за ова од фактот дека голем дел од преживеаните македонски Евреи, оние кои беа спасени и ја избегнаа депортацијата, активно се вклучија во народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ. Меѓу нив има партизани, народни херои и учесници на државотворното заседание на АСНОМ. Преживеаната еврејска заедница придонесе за изградбата на слободната македонска држава. Затоа, иако е малубројна денес, еврејската заедница во Северна Македонија е високо почитувана.
Но, оваа вистина мора да ја чуваме и да ја пренесуваме на идните поколенија. Треба да ги едуцираме нашите ученици и студенти, нашите млади за злото на антисемитизмот и за опасноста од ксенофобијата. Тоа се и обврски што како држава ги преземавме на Меѓународниот форум за холокаустот во Малме. Иако не е лесно, ниту пријатно да се истражува овој амбис на злото, сепак е неопходно, за да не дозволиме злосторниците да го имаат последниот збор”, изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски.