(Видео) Повеќе од два часа се дреме на границата „Богородица“ со Грција: долгите колони и жештината ги нервираат патниците
Како што доаѓаат потопли летни денови, така се зголемуваат и гужвите на граничниот премин „Богородица“ за влез во Грција. Од утрово, граѓани кои тргнале на одмор, се жалат дека чекаат предолго, на превисоки температури. Посочуваат дека иако работат шест рампи за контрола, чекањето е повеќе од еден час, а ако се пресмета и времето кое се поминува на „Евзони“, тогаш е и повеќе од два часа. Коментираат дека е поразително што поминаа години, а секоја следна го има истиот проблем.
Граѓани од Македонија, но и Србија во групите „Пат до Грција“, коментираат дека колоната е долга 3,5 километри и на граничниот премин во Дојран бидејќи работи само една лента. И од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
„Поради зголемена фреквенција на возила времето на чекање на ГП Табановце за влез и на ГП Богородица за излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, велат од АМСМ.