Свет

Судот во Венецуела издаде налог за апсење на лидерот на опозицијата Едмундо Гонзалес

Канцеларијата на јавниот обвинител на Венецуела соопшти дека судот издал налог за апсење на опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес, обвинувајќи го за заговор и други злосторства поради спорот околу неговата победа на претседателските избори во јули, што предизвика немири во земјата.

Изборната комисија на Венецуела го прогласи Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник на изборите на 28 јули, без да ги објави целосните резултати од гласањето. Венецуелската опозиција ги објави своите резултати кои покажуваат убедлива победа на кандидатот Едмундо Гонзалес. Спорот предизвика апел од меѓународната заедница за објавување на целосните резултати, како и протести во земјата и апсења на опозиционери и новинари.

Јавниот обвинител Тарек Сааб сподели фотографија од наредбата со Ројтерс преку порака на Телеграма. Портпаролот на Гонзалес рече дека тие чекаат какво било известување за наредбата. „Портпаролот на Гонзалес не даде дополнителни коментари, но опозицијата отсекогаш негира дека сторила нешто лошо“, пишува Ројтерс.

Високи владини функционери со недели велат дека Гонзалес и другите членови на опозицијата треба да одат во затвор. Налогот беше издаден откако обвинителот Луис Ернесто Дуенез побара апсење на Гонзалес за узурпација на функцијата, фалсификување јавни документи, поттикнување на непочитување на законот, заговор и здружување, сето тоа наводно извршено против државата Венецуела.

На почеток