Македонија

Ден пред убиството таткото пратил порака Вања да се облече топло, кога ја немаше беше тажен, јас му се раздрав оти викаше дека е киднапирана, сведочеше мајката Зорица

Зорица Ѓорчевска, мајка на убиената Вања, не беше сигурна каде, но беше децидна дека таткото Александар ѝ кажал дека нивната ќерка е киднапирана, во деновите кога по неа се трагало.

„Не сум сигурна дали во автомобилот. Дома го кажа тоа. ‘Нема што друго да биде, треба на некој да должиш’. Не можам да кажам со сигурност дека го зборуваше тоа на 27-ми (денот кога исчезна Вања). Во текот на наредните денови кажуваше да, дека е киднапирана. Во еден момент му се развикав престани да кажуваш, полицијата има друга терминологија. Велеше дека нешто друго не може да биде“, рече Зорица Ѓорчевска одговарајќи на прашање од судот.

Ѓорчевска рече дека Александар дошол брзо откако му се јавила и додаде: „не е вообичаено тој брзо да се подготвува, знае да доцни, но јас кога му се јавив брзо дојде. Не ми рече ништо околу снемувањето на Вања, јас се правдав дека не знам каде е, дека не сме се скарале, зборувавме каде да одиме, каде да ја бараме“. Сведочеше дека таткото бил потиштен додека се трагало по ќерка му.

Според мајката, ден пред исчезнувањето на Вања, на 26 ноември, таткото Александар ѝ пратил порака (слика) на Зорица, со принтскрин (слика) од разговор со Вања, каде ѝ велел да се облече во топла облека, оти утредента, на 27 ноември кога таа беше грабната и убиена, ќе биде ладно.

„Тоа беше принтскрин од чет со Вања, каде ѝ вели како да се облече, да се облече топло, оти утредента ќе биде ладно. Јас не сум ја видела пораката, оти телефонот навечер ми е на полнење. Во неделата, на 3 декември, ме повикаа во полициска станица во 2 часот, нѐ раздвоија и мене ми кажаа дека е пронајдена мртва и ме однесоа да ја идентификувам. Од медиумите дознав дека е уапсен“, додаде таа.

Посочи дека без станот во Дебар маало, таа поседува три стана.

На прашање од адвокатот на Љупчо Палевски-Палчо, дали на неа ѝ е познато дека татко ѝ соработувал со обвинетиот – таа рече: „Не ми е познато, но јас ги имам сите документи. Не постоеле никакви недоразбирања и татко ми ќе се повлечел ако имало недоразбирања“.

На почеток