Актуелно

ДУИ: Оставката на Дамева е последица на политички притисоци и манипулации

По оставката на претседателката на Судскиот совет, се огласи ДУИ.

Во соопштение до јавноста, партијата посочува дека ова е уште еден драматичен момент кој ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите.

„Личните напади, политичките притисоци и јавните манипулации што ги опиша госпоѓа Дамева се јасен одраз на нелегитимната и неодговорна власт, која не запира во обидите да го прошири своето влијание врз секој сегмент од државата”, велат од ДУИ.

Партијата најостро ги осудува политичките напади врз Дамева и како што велат, бруталните интервенции врз интегритетот на Судскиот совет.

„Ваквите напади не се само личен напад врз еден поединец, туку и обид за парализирање на целиот судски систем, со што се поткопуваат сите напори за реални реформи и независна правда. Оваа Влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта”, реагира ДУИ.

На почеток