Фондот за пензии со дупка, предлогот да се оди во пензија на 67 години – несериозен: стигнаа реакциите
Имаме методологија и анализираме како да се стабилизира состојбата со дупката во буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, вели портпаролката на Владата, Марија Митева. Тврди дека во овој момент не се размислува за предлогот на Фискалниот совет, за зголемување на старосната граница за пензионирање. Ова доаѓа откако фискалниот совет составен од експерти дал мислење дека мора да се зголеми возраста за пензионирање на 67 години за мажи и за жени.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изјава за МИА го оцени предлогот на Фискалниот совет за несеиозен и рече дека ваквите избрзани мерки се неодржливи на долг рок.
„Доколку членовите на Фискалниот совет сакаат да помогнат во крпење на буџетот во Фондот за пензиско, можеби треба да почнат да плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за сите нивни приходи што ќе претставува пример и за останатите кој треба да се следи! Поради непријавената работа државата годишно губи 250 милиони евра кои остануваат во џебовите на газдите. Само на овој начин социјалните фондови можат и ќе станат реални и одржливи и ќе бидат вистинска заштита и сигурност за работниците и граѓаните во услови на болест, старост, невработеност“, вели Трендафилов во изјавата за МИА.
Според Еуростат, очекуваниот животен век на жителите на ЕУ е 80,6 години, а регион со најдолг животен век е Мадрид, Шпанија, со просек од 85,2 години, потоа Тренто во Италија со 84,4, Ил во Франција 84,1 и Стокхолм во Шведска со 84,0 години. Македонците, во споредба со овие народи, просечно живеат и по десетина години помалку.