Македонија

Родителите тврдат дека не знаеле дека Васил го земал автомобилот, убедуваат дека е променет откако бил осуден за дрогата

Возачот Васил Јованов го украл автомобилот од родителите кога направил сообраќајка пред неколку години, а истото го направил и вечерта кога ја усмрти Фросина Куланова на пешачки. Ова го кажа неговиот татко Зоран Јованов, кој заедно со мајката Ана изразија длабоко сочуство на семејството на жртвата. Истовремено, посочија дека Васил е променет откако бил осуден за дрогата – марихуана и кокаин, за која доби воспитна мерка која сега му е преиначена во затворска казна од три години и десет месеци.

„Таа вечер бев јас со една група пријатели и колеги, излезен, Васил беше дома кога излегов. Така што не знаев дека тој го земал возилото“, рече Зоран Јованов, татко на Васил.

Но и покрај ова, таткото смета дека пресудата за дрогата каде Васил доби воспитна мерка, што сега е преиначена во затворска – вродила со плод.

„Васил после пресудата, иако имаше неколку години потешкотии да се откаже од пушење трева, исклучиво трева, немаше други наркотични средства – после пресудата, навистина се промени. Како до допре до него нешто. Престана со цигари, се фокусираше на спортот, си најде психолог сам го посетуваше, си најде духовен водач во св. Јован Бигорски. Пресудата, притворот, постапката – не знам, но Васил се промени“, додаде Зоран Јованов.

Адвокатот Сашко Дуковски, рече дека Васил не консумира алкохол и дрога. Но тоа траело до вечерта кога ја усмрти Фросина.

„Првпат по седум-осум месеци, да тој конзумира воопшто алкохол на отворање на кафичот од негов пријател. Апсолутно ниту конзумира дрога и алкохол, до настанот. Тоа не е оправдување, но е факт“, рече Дуковски посочувајќи дека Васил е психички здрав, брзината со која го управувал возилото не е утврдена, притисок врз судот не е вршен.

Осврнувајќи се на притворот, Дуковски рече дека не се противел Васил на притворот, признавајќи дека барал во негово име да не биде одредена оваа мерка.

„Никој не се противел туку беа дадени законски наводи зошто сметаме дека не треба да се определи притвор“, рече Дуковски.

 

На почеток