Трамп сепак воведе царини за Мексико и Канада и ги зголеми царините за Кина: Пристигнува бесната реакција на Пекинг, Трудо најавува одмазда


Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико. Трамп тврди дека истече времето за двата соседи на Америка да постигнат договор со Вашингтон.
Се очекува да стапат на сила и дополнителни царини од 10 отсто за кинескиот увоз, со што сите три најголеми трговски партнери на Америка ќе се соочат со значително повисоки трговски бариери.
„Нема повеќе време за Мексико или Канада“, рече Трамп. Тој тврди дека тарифите се одговор на неприфатливиот проток на илегални дроги и недокументирани мигранти во САД.
„Она што ќе треба да го направат е да ги изградат своите фабрики за автомобили, искрено, и други работи во САД. Во тој случај, нема царини“, рече Трамп.
Белата куќа тврди дека Трамп презема „храбри чекори за да ги повика Мексико, Канада и Кина одговорни за нивните ветувања дека ќе го запрат протокот на илегална имиграција и приливот на фентанил во Соединетите држави“.
Фентанил е поврзан со десетици илјади смртни случаи од предозирање во САД секоја година.
Вол Стрит веднаш ја почувствува веста за воведувањето тарифи. Трите главни индекси во САД потонаа по коментарите на Трамп.
Dow Jones Industrial Average го заврши денот со пад од 1,48%, S&P 500 потона за 1,76%, а Nasdaq 2,64%.
Кинеската влада соопшти дека ќе преземе одмазднички мерки против планот на администрацијата на Трамп да воведе дополнителни 10% царини за кинескиот увоз – со што вкупната царина ќе достигне 20%.
„Кина ќе преземе контрамерки за цврсто да ги заштити сопствените права и интереси“, се вели во соопштението на Министерството за трговија на земјата во вторникот.
Пекинг, исто така, ги опиша тарифите на Трамп како „типичен чин на унилатерализам и насилничко однесување“ и ги отфрли обвинувањата дека не прави доволно за да го запре протокот на нелегална дрога во САД.
Кина останува најголемиот пазар за американски земјоделски производи дури и откако Пекинг воведе царини до 25% за соја, говедско месо, свинско месо, пченица и пченка во 2018 година – како одмазда за царините за кинески стоки воведени од првата администрација на Трамп.
Последната изјава на Министерството за трговија – објавена неколку часа пред да стапат на сила новите тарифи – ги повикува САД да се вратат на „правиот пат“ и „правилно да ги решат разликите преку еднаков дијалог што е можно поскоро“.
Со други зборови, Пекинг ја отвора вратата за договор.
Според Би-Би-Си, Пекинг ќе ги санкционира американските компании за биотехнологија, воздушна и поморска инженерство.
Во меѓувреме, Канада, исто така, вети дека ќе возврати со царини од 25 отсто на американски стоки во вредност од 155 милијарди долари доколку стапат на сила американските царини.
Премиерот Џастин Трудо рече дека Канада прво ќе таргетира производи во вредност од 30 милијарди долари, а потоа ќе ги насочи преостанатите 125 милијарди долари во текот на 21 ден.
„Нема оправдување за дејствијата [на САД]… Канада нема да дозволи оваа неоправдана одлука да остане без одговор“, рече Трудо во изјавата.
