По најавата за протести против промена на името и референдумот, универзитетската професорка Билјана Ванковска на социјалните мрежи напиша дека здружението „Бојкотирам“ не го организира протестот и дека истиот повик е објавен од сомнителни структури.
„Не излегувајте! На „Бојкотирам“ не му требаат собири од ваков вид, организирани од сомнителни структури, а со намера да се исценираат инциденти. Тоа е и денот кога Иванов ќе има историско обраќање во ООН. Ако наседнеме на овој собир и на удбашките структури кои стојат зад него, тие ќе успеат да создадат страв и одбивност кај мирните граѓани, а се’ со цел да се зголеми излезноста во недела! Кога би било ова автентично би излегла дури и под закана од употреба на полициска сила – но, ова не е тоа! Се служат со сите (не)дозволени средства, затоа внимавајте! „Бојкотирам“ е легален и легитимен, ненасилен облик на граѓански отпор и затоа треба да се чува подалеку од Тројански коњи со руски знамиња, со качулки, со запаллива реторика и омраза кон Другиот. Тоа не сме ние! Ние со нечинење ќе го постигнеме она што го заговараме“, напиша Ванковска на социјалните мрежи.
Според социјалните мрежи, настанот е организиран од „Млади за Македонија“, кои и досега протестираа низ повеќе градови. Тие велат дека се студенти кои нема да дозволат менување на името, идентитетот и јазикот.
„Државата останува на младите и токму затоа ние сме тие кои треба да одлучуваат за иднината на Македонија. Затоа токму ние ќе ја поведиме битката за одбара на нашите човекови права, за нашето достоинство и нашата чест. Во име на нашите основни човекови права и достоинство, ние студентите ве повикуваме сите вас да се придружите на огромениот сенароден собир за бојкот на референдумот за наше преименување во Северна. Огромениот сенароден и непартиски протест кој ќе се оддржи на 27ми септември во 19:00 часот пред Собранието во Скопје“, пишува на објавите на социјалните мрежи.