Скопје

Скопје извор на болести од загадениот воздух, еко-активистите реагираат

Здружените еко-иницијативи и организации под името 02 Коалиција за чист воздух упатуваат низа прашања до надлежните институции, истовремено објавувајќи документи и анализирајќи голем број проблеми со загадувањето.

Ви го пренесуваме целото обраќање:

Одговор на нашите прашања, после големото внимание што го привлече извештајот на наш претставник од петтиот состанок на интерсекторската работна група, после кое беше јавно најавен рокот од 15 дена од заменик министерот Јани Макрадули и после изминати четири недели не добивме.

Одговори баравме на следните прашања:

– До каде е објавувањето на Приоритетниот акциски план за справување со загадувањето на воздухот за 2018 година заедно со мерките преку алатка за пратење на прогресот и имплементацијата на веб страната на Министерство за животна средина и просторно планирање?

– Требаше да се свика тематска седница на Владата на РМ за справување со загадувањето. Свикана ли е? Ако не, зошто? Ако не, кога ќе се свика? Дали овој Акциски план за 2018 год. се усвои од страна на Владата? Ако не е усвоен, кој е планот, со оглед дека остануваат уште 4 месеци од 2018 год.?

– Владата на 40-тата седница на 28.11.2017 донесе 40 заклучоци во врска со предложените мерки од ИРГ. До каде е нивната имплементација? Ве молиме за достава на документ за статусот на спроведување по сите 40 заклучоци, тие што не се спроведени, каде е заглавена постапката, зошто, кој е одговорен (институција, сектор) и кога се очекува нивна реална имплементација?

– До каде е имплементацијата на забелешките на записникот од вториот состанок на ИРГ? Од О2 забелешките беа доставени на 13.11.2017, но корегирана форма на записникот сè уште немаме добиено.

– За последните настани поврзани со Железара. Каде е извештајот од извршената инспекција во објектот кој испушташе облаци чад август месец од Железара, за кој инспекторатот на Град Скопје утврди дека има А-интегрирана дозвола, што значи под надлежност на ДИЖС? Зошто ДИЖС не излегле на терен тогаш? Зошто координацијата помеѓу инспекциските тела и МЖСПП потфрлува, иако ете оваа група би требало да доведе до меѓусебна соработка за побрзо идентификување на загадувањето и излегувањето на терен и вршење на мерења?

– Зошто мерната станица, PM10 инструментот на Гази Баба и PM2.5 за Карпош, за помлаку од два месеци се повторно на сервисирање, калибрирање? Не е добро направено претходното? Ако да, кој ќе сноси одговорност? Ако е добро направено претходното сервисирање и калибрирање, како е случено овие два инструмента да не работат повторно во така кратко рок? Врз основа на која методологија, на кој начин се утврдува дека еден инструмент е расипан и не работи соодветно? PM10 инструментот на Гази Баба не работи од 13.08.2018, а PM2.5 за Карпош од 10.08.2018. Ова е предолг период за еден инструмент да е вон функција. Колку се стари овие инструменти? Ве молиме за достава на датумите кога овие инструменти се поставени за прв пат, колку пати до сега се сервисирани и калибрирани, со датум за секое сервисирање/калибрирање. И за сите останати инструменти на мерните станици во мрежата на МЖСПП.

– Кој ги тргнал и кој ги трга генерално пиковите од измерени PM10 од мерната станица Гази Баба? Биле автоматски поставени, но потоа се тргнати. Врз која основа, која постапка, како се утврдува што да се отстрани, врз база на која процедура, методологија?

– Мерниот инструмент за озон од мерната станица во Центар не работи од почетокот на јули, а познато е дека таа мерна станица покажува надминувања за озон летно време. Зошто не работи цели два месеци скоро? Кога планирате да ја ставите во функција? Во моментов само инструментите за PM10 и PM2.5 работат на таа станица. Кога се планира на ваква клучна мерна станица ставање во функција на другите инструменти за CO, SO2, NO2?

– На почеток на јули од Министерството за Економија ни напишаа дека Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за возила ќе влезе во Владина процедура за 10 дена, откако ќе заврши усогласувањето со Секретаријат за законодавство. Дали влегол, дали се усвоил? Ако не, кога и зошто застојот, што е причината?

– До каде е изработката на Правилникот за определување на еколошка категорија на возилата, формата, содржината и начинот на поставувањето на еколошката налепница?

– Какви ќе бидат техничките служби кои ќе вршат испитување на емисии на издувни гасови од моторните возила и ќе одредуваат која еко налепница ќе поседува возилото? Која едукација ќе ја поминат? Кој ќе ја провери нивната спремност и апарати? Дали се работи на нивно формирање?

– Контрола на работата на техничките служби врши Министерството за економија, Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат. – како ќе ги контролираат? на кој начин?

Во меѓувреме, МЖСПП ги отстранило вредностите од 6 до 10 август за PM2.5 за Карпош. Тие повисоките. Ги отстрани и пиковите за PM10 за Гази Баба. Повеќе од месец и пол каде нема податоци од овие мерни инструменти. Повторно, после јунското сервисирање и калибрирање на истите. Ај што нема абер од регулирање на загадувањето, негово намалување, казни, дислоцирања на погони, стручна анализа и според неа започнување на замена на греењето во градов и други места во земјава според приоритет и според заклучок дека тие домаќинства нема да може да се приклучат ни на топловодна мрежа, ни на гас, за Ромските диви населби ич да не спомнуваме, едно мерење не можеме да имаме како што треба.

Не за џабе Европскиот ревизорски суд алармира дека загадувањето на воздухот не се мери на адекватен начин и дека најверојатно е потценет во повеќето европски градови. При тоа е заклучено дека мерните станици најчесто не се наоѓаат на вистинските места. Заклучиле откако си направиле свои, независни мерења. Ова за ЕУ. За нас, ако направат еден ревизорски извештај, каде се штелуваат вредности кај индустриите, се исклучуваат мерни инструменти, се тргаат пикови, мерни инструменти не работат со години….. што ли ќе пишува во тој извештај, само за мерењето?

Инструментите биле стари, па затоа не работат. Ако е стар тој што мери PM2.5 во Карпош, кој почна да работи од есента 2011, какви се другите? Сите се нови, освен тие за Гази Баба и Карпош? Покажувале високи вредности во загадено и задимено Скопје насред лето, во најпразниот и жешок месец од годината. Па нема загадување во лето кога скоро да е празно Скопје. Какво загадување? Само што годишната квота на дозволени надминувања Ректорат за PM10 ја потроши летово, само во август има 15 дневни надминувања, дневни вредности од 105, 88, 80, 75 се измерени во Скопска агломерација само во јули и август. Пикови, еве не спомнуваме. Тоа дека во ненормално топло Скопје, над 30° викендов на сите мерни станици беше регистрирано надминување над дозволените 50 µg/m3 за PM10? Загадување? Кое?

Европскиот ревизорски суд вели дека ЕУ треба ги усогласи своите граници со тие на Светската здравствена организација (СЗО) до 2022 година и така наместо 40 µg/m3 годишно за PM10, да биде 20 µg/m3, а за PM2.5 наместо 25 µg/m3 годишно, 10 µg/m3.

Ние, нашава држава кај сме во целава приказна? Нам и 40 µg/m3 ни се многу, не можеме да дојдеме до нив за PM10, 25 µg/m3 пак ни се недостижни за PM2.5, и тоа само таму каде се мерат. Ако ЕУ ги воведе границите на СЗО, ние можеме да се простиме од ЕУ. Како сме тргнале и вака 30 години ни се малку за ова што е сега норма.

Ова многупати сме го пишувале, прашувале, но секогаш останало без одговор од надлежните институции „Што правиме со загадувањето на воздухот вон грејната сезона?“

Кога државата, Град Скопје ќе го решат летното загадување и ќе ги доведат вредностите за PM10 околу 20 μg/m3, а за PM2.5 околу 10 μg/m3 во просек само во текот на овие летни, вон грејна сезона месеци, без температурни инверзии и магли, тогаш ќе можеме да зборуваме и за намалување на зимското, каде го имаме и греењето на домаќинствата заедно со маглите и инверзиите. До тогаш, ќе се вртиме во круг, ќе бидеме со крајно „заробени“ институции, комплетно нефункционални, без инспекциски и нормални мерења, без казни и сè позагадени.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток