Откако Владата со Уредба го забрза процесот на уривање на дивоградбите во Охрид и на брегот крај езерото општината веќе неколку дена отстранува урбана опрема, шанкови и други објекти.
„Станува збор за еден процес кој што општината требаше да го заврши пред многу години, но тоа не е направено и сега согласно препораките на УНЕСКО и планот за управување со Охридскиот регион, ние сме должни тоа да го направиме. Станува збор за отстранување на некогашни шанкови, урбана опрема, тенди, настрешници, ивичњаци за автопат ставени на плажа до Езерото. Тоа е еден хаос кој владеел на плажите изминатите години. Добар дел од нив, точно е дека биле со одредени договори – концесии, меѓутоа поминати се многу години, а ситуацијата е сега драстично сменета и согласно планот за управување со УНЕСКО во точката каде е дефинирано развивањето на одржлив туризам, стои дека за плажите ќе се изработува урбанистичка документација за плажи, со кои ќе се обезбеди дека нема да се врши бетонирање на брегот, нема да се градат платформи кои навлегуваат во водата, нема да се изведуваат објекти од цврста градба и нема да се испуштаат отпадни води во Езерото. Јас ова не би го дефинирал како акција туку како процес кој ние како држава мора да го исполниме доколку сакаме да ги исполниме препораките од УНЕСКО, а тоа е нешто за што јавноста е цела година добро информирана“ , истакна градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, за Скопје 1.
Градоначалникот вели дека погоден термин за отстранување нема, тоа е еден болен процес, но многу е поболно тоа што таму наоѓаме, категоричен е тој.
„Наоѓаме диви приклучоци за вода, нерешена канализациона мрежа од тоалетите на тие објекти, септички јами. Во еден град како Охрид тоа е недозволиво. Ние постепено ќе почнеме да ги средуваме тие состојби. Се надевам дека на тој потег каде што почнавме со отстранување на тие несоодветни градби или „бетонски чудовишта“ во Езерото, ќе успееме да го воведеме во ред тој простор. Најлошо е сега со рушењето сиот тој градежен шут да остане таму, но ќе се потрудиме сето тоа таму да биде расчистено и соодветно уредено. Ова е процес кој ќе трае цело лето, и сите објекти ќе дојдат на ред, затоа што тоа е нешто што се мора, а не што се сака“, истакна Георгиески.
https://www.facebook.com/ohrid1/videos/660201967863892/