Свет

Гневот на жолтите елеци не запира, велат одлуката на Макрон е донесена предоцна

Француските демонстранти ја поздравија синоќешната одлука на претседателот Емануел Макрон, кој се откажа од зголемување на данокот за гориво планирано за следната година, но истакнаа дека можеби тоа не би било доволно да се смири гневот на јавноста.
– Мислам дека одлуката е донесена предоцна, изјави портпаролката на Жолтите елеци, Жаклин Муро.

Таа додаде дека сега различни протестни групи ќе одлучуваат за понатамошните чекори, но оцени дека е многу веројатно дека ќе продолжат со протестите.

Потегот на Макрон е исправен, но мислам дека нема суштински да го смени курсот, посочи Муро.

Таа ги повика демонстрантите да ја искористат слабоста на француската Влада и да поднесат и други барања, како што е зголемување на минималната плата.
Неименуван претставник на Елисејската палата изјави дека претседателот Емануел Макрон се откажал од зголемување на данокот за гориво поради страв од ново насилство, по повеќенеделните протести ширум Франција и најголемите немири во Париз по повеќе децении.

На почеток