Скопје

Врачена државната награда Св. Климент Охридски

Годинешни добитници на државната награда за 2018 година се просветните работници Кимет Агаи и Аднан Агаи за остварување во областа на воспитанието и образованието, режисерот Владимир Милчин, балетскиот уметник Емилија Стаменковиќ (Џипунова) и писателот Томислав Османли во областа на културата и уметноста и патофизиологот, специјалист по нуклеарна медицина проф. д-р Борислав Каранфилски во областа на здравството.
Денеска во чест на празникот „Свети Климент Охридски“ во Собранието на Република Македонија на добитниците им беше врачена истоимената награда.
Наградите им ги врачи претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, академик Влада Урошевиќ, кој рече дека наградата ја сфаќа како убава можност на дејците во културата да им се надомести барем мал дел од тоа што навистина го заслужиле.
– Културата е се помалку присутна во медиумите. Време е да ја ослободиме културата од комерцијализацијата и политизацијата. Единствен наш вистински адут во барањето рамноправно место меѓу народите е културата, од воспитанието и образованието до највисоките дострели на уметноста. Доделувањето на оваа награда ја смета како убав придонес кон надминувањето на опасностите кои ја демнат македонската култура, додаде Урошевиќ.
Од името на добитниците се заблагодари проф. д-р Каранфилски, кој рече дека наградата е израз на посебно високо општествено признание за постигнатите резултати.
Наградата „Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток