Градежните инспектори од Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид на 19.05.2021 година извршија вонреден инспекциски надзор во автокампот „Градиште“ со увид на лице место согласно Законот за градење и Законот за инспекциски надзор. Извршен е комплетен надзор на 15 автокамп приколки, при што се затекнати бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи. Затекнати се недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти. На одредени локации се затекнати и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија, се велат од Општина Охрид.
Во дописот од локалната самоуправа додаваат:
Изготвен е записник и фотодокументација за надзорот, при што е констатирано дека субјектот кој стопанисува со автокампот „Градиште“ не поседува одобрение за поставување на времени објекти, решение за изведба на платформи изведени од дрвена и метална конструкција и решение за изведба настрешници кои се поставени над автокамп приколките.
Констатираната моментална состојба е надвор од сите одобрени проекти и законски прописи. Врз основа на тоа, Одделението за инспекциски надзор донесе Решение за отстранување на времените објекти, платформите, настрешниците, армиранобетонските плочи, плочите од бекатон плочки, според член 134 и член 135 став(1) алинеа 3 од Законот за градење Сл.Весник на РСМ( од бр.130/09 до 279/20).
Општина Охрид и во текот на наредниот период ќе продолжи со спроведување на инспекциски контроли во автокампот „Градиште“ како и на останатите автокампови на крајбрежјето на Охридското Езеро, кои се наоѓаат на локации кои се на територија на општината.
фото: Општина Охрид