Неофицијално возачот на струшкиот автобус кој патувал на линија Битола-Виена, возел со 98 километри на час. Ова се наведува како можната причина за несреќата, поготово што патот бил завеан со снег. Обвинителството му одреди 48 часа притвор, пренесуваат српските медиуми, кои пишуваат за сообраќајната несреќа во која загинаа тројца македонски граѓани, а 32 беа повредени. Причините за несреќата уште не се утврдени, истрагата во Србија трае бидејќи има и други наоди што треба да ја дадат точната информација.
Шестемина македонски државјани, кои се здобија со сериозни повреди, се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш. Двајца од нив се на машини за дишење, едниот има повреди на главата, а другиот на вратниот ‘рбет. Лекарите допрва ќе треба да направат проценка дали ќе треба да бидат оперирани.
Од компанијата сопсвеник на автобусот кажаа дека на автобусот му била направена техничка проверка. Тие се повикуваат и на изјава од патник која ја слушнале на српските медиуми, дека коловозот бил замрзнат, некое возило излегло пред автобусот, кое веројатно се излизгало, па за да го избегне возачот автобусот излетал од патот.
Според друго сведоштво на патник, до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата, неприспособената брзина.
Едно е сигурно возачот на автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќепати.
Точните причини за несреќата ќе ги кажат институциите кои ја истражуваат оваа несреќа.
Инаку , автобусот од Македонија тргнал на пат во саботата околу 20 часот, патниците биле од повеќе градови од земјава. Во неделата повредените ги посетија и министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.