Димитриевски: Од преземањето на апсолутната власт дојде до една аздисаност од власта
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, во централниот Дневник на телевизија Сител потенцираше дека победата во Куманово ја издвојувале граѓаните и ќе продолжи да работи уште попосветено во реализација на програмата.
На прашањето каде е грешката на СДСМ за резултатот од локалните избори, Димитриевски истакна дека во време на опозиција СДСМ имала јасен концепт, визија и идеа како да се води државата, но, за жал откако е нa власт работите се променија.
– Можеби, од преземањето на апсолутната власт, на локално и централно ниво дојде до една аздисаност од власта и поединци се трансформираа во нешто што се боревме во минатото против такво едно неодговорно однесување, нерешавање на проблемите. Малку внимание и посветеност на трудот, социјалата, образованието и другите перспективи, а премногу посветеност на надворешната политика. Еве сега се плати цехот, граѓаните го кажаа своето, а тие никогаш не грешат. Поединци сметаат дека треба да бидат на одредени функции доживотно. Нема непроменлива функција, ниту непроменлив политичар. Едноставно, се подзабораваат и се претвораат во инструмент, лукративно-клиентелистичкиот пристап си го зема своето, и секако лојалистичкиот пристап – она што сака да го чуе полибирото тоа што им одговара, а не тоа што е суштински. Имав низа случаи, не само јас, туку и други членови од партијата јасно укажуваа за пропустите кои се правеа во делот на средствата од Фондот за иновации, па аферите во Министерството за здравство, сите оние пропусти кои се случуваа поврзани со одредени афери, а од друга страна немаше суштински, кадровски промени. Во минатото, во периодот на опозиција излеговме со еден проект чесна понуда кој не го реализиравме во пракса, туку се одеше по принципот „јас тебе војводо, ти мене сердаре“, на само себе позиционирање на поединци коишто мораа да возвратат на тие коишто ги поставиле, граѓаните тоа го гледаат и казнуваат – рече Димитриевски.