Еден од најоригиналните изведувачи на денешната класична музичка сцена, италијанскиот пијанист Емануеле Арчиули, синоќа во Македонската опера и балет во Скопје приреди незаборавен концерт во рамки на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.
На концертот што се одржа со поддршка на Италијанската амбасада во Република Македонија на чело со неговата екселенција, Амбасадорот Карло Ромео, меѓу другите, присуствуваа и министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми, како и претставници на Дипломатскиот кор во државава.
За публиката што синоќа уживаше во неповторливите звуци на пијаното на Арчиули, по завршувањето на концертот беше приреден и свечен коктел во организација на Италијанската амбасада.
Пијанистот Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се Берлинскиот фестивал, Виен Модерн, Ла Скала Милано, Биеналето на Венеција, Фестивалот за пијано во Мајами, Милерб театарот во Њујорк, Маџо музикале Фиорентино, Фестивалот на камерна музика Санта Фе, како и на меѓународните фестивали за пијано во Бреша и Бергамо. Предава современа музика на Академија ди Пинероло, професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест гостин професор на многу американски универзитети.
Репертоарот на овој ислучително талентиран и виртуозен пијанист е огромен и опфаќа дела од Бах до современа музика, со силен афинитет кон композиторите од Соединетите американски држави.