Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе ја одржи својата традиционална годишна прес-конференција на која ќе одговара на многу прашања од различни теми.
За настанот се акредитирани повеќе од 1.700 новинари од речиси сите руски региони, како и од Азија, Европа и Америка. Ова е 14-та прес-конференција на Путин откако дојде на власт во 2000 година. Се очекува да трае неколку часа. Неговата прва прес-конференција како претседател во 2001 година траеше час и половина, во 2004 година повеќе од три часа, а во 2008 година повеќе од четири.
Се очекува годинава на Путин да му се поставуваат прашања во врска со затегнатите руско-американски односи, за односите со Западот како целина, кризата во Украина, економијата, зголемувањето на цените на комуналните услуги, непопуларната пензиска реформа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека претседателот активно се подготвува за средбата со медиумите, и оти „работи до доцна во ноќта за да се запознае со материјалите подготвени од министрите и експертите на претседателската администрација“.