Актуелно

Украинското раководство: Турција е можен гарант за безбедноста на Украина во иднина

Турција е меѓу земјите кои би можеле да му понудат безбедносни гаранции на Киев како дел од каков било договор со Русија за ставање крај на војната во Украина, изјави денеска високиот украински функционер Игор Жовква.

„Турција е меѓу оние земји кои би можеле да станат гаранти на нашата безбедност во иднина“, рече Жовква, заменик-шеф на канцеларијата на Владимир Зеленски, пред мировните преговори меѓу Киев и Москва во Турција.

Киев соопшти дека сака правно обврзувачки гаранции кои ќе и понудат заштита на Украина од група сојузници во случај на иден напад. Во пресрет на преговорите меѓу украинската и руската страна во Турција, друг украински функционер изјави дека не очекува напредок.

„Не мислам дека ќе има некаков напредок за главните прашања“, изјави денеска советникот во Министерството за внатрешни работи, Вадим Денисенко. Украинските и руските преговарачи подоцна денеска ќе започнат мировни преговори во Истанбул, објасни висок турски функционер, без да даде детали.

Турскиот претседател Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин вчера во телефонски разговор се договорија да разговараат во Истанбул, а Анкара се надева дека ќе се постигне прекин на огнот.

На почеток