Димовски за афтокефалноста на МПЦ-ОА: Ова прашање има историска тежина и значење над било какви политички интереси
Експратеникот и висок пратиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски посочи дека признавањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија е прашање од највисок државен и национален интерес! Тој честиташе на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан за денешната одлука на Синодот на Вселенската Цариградска Патријаршија.
„Значен прв чекор со кој нашата стара и света Охридска Архиепископија се враќа во светот на признатите и прифатените еднакви православни цркви во светот, овој пат под ваше водство, во лицето на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија. Постоењето на Охридската архиепископија е една од историските вертикали кои низ римскиот, средновековниот и отоманскиот период ја цртаат, во прво време политичката, а потоа и културошката и јазичната, засебност на територијата на Македонија и на македонското населението кое живее тука. Во периоди, низ средниот век, кога со македонските територии владеат византиските, бугарските и српските кралеви и цареви, опстојувањето на Охридската архиепископија како засебна православна автокефална црква, одвоена од Цариградската, Трновската и Печката, уште повеќе ја засилува нашата посебност во однос на грчките, бугарските и српските верски, културни и јазични влијанија и претензии“, напиша Димовски.
Според него, укинувањето на Охридската архиепископија е најстрашниот, најтрагичниот и најлошиот момент во целокупната наша историска патека.
„Укината е засебноста, но и перспективата за во следниот век таквата засебност да ја развиеме, први или меѓу првите, во посебна етно-национална патека, а не бидувајќи предмет на туѓите (грчките, бугарските и српските) аспирации и асимилација. Укинувањето на Охридската архиепископија е врвот на трагедијата на Македонија, а Букурешкиот договор е само последица на тоа. Ако постоеше нашата Охридска архиепископија, немаше да се случи Букурешт 1913 година. Православните држави низ историјата се конституираат во рамките на границите на своите цркви. Постоење на призната црква значи гаранција за постоење или некогаш и потреба за воозобновување на држава. Оспорувањето на автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија е оспорување на нашата засебност како народ. Живеењето во одвоеност од останатиот православен свет значи непризнавање на нашата засебност од нашите православни браќа. Тоа е факт, кој колку и да не боли, мора да го признаеме“, додаде Димовски.
Тој додаде дека ова прашање има историска, вековна тежина и значењето е високо над било какви политички и партиски интереси.
„Секоја патека која нашата МПЦ – ОА ќе ја доведе до автокефален статус заслужува поддршка од сите нас. Прифаќањето и признавањето на МПЦ – ОА ќе е темел кој нема да може да се руши, дури и во вакви историски времиња кога од сите страни се руши нашата засебност, идентитет и јазик. Македонскиот народ заслужува да биде рамен на сите православни народи, заради тоа што е еден од првите кои го прими христијанството. Така ќе бидеме посилни. Живееме во историски момент за нашата МПЦ – ОА и нашиот македонски народ, да бидеме мудри и паметни, како што не сме биле многу пати. Честито и со мудрост кон следните чекори и за нашата црква и за нашата татковина Македонија“, заклучи тој.