Свет

(ВИДЕО) Финска и Шведска официјално поднесоа барање за влез во НАТО

Финска и Шведска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во седиштето на алијансата, со што започна пристапниот процес кој се очекува да трае само неколку недели.

И Шведска и Финска беа неутрални за време на Студената војна, а нивната одлука да се приклучат на НАТО, поттикната од руската инвазија на Украина, е една од најзначајните промени во безбедносната архитектура на Европа во последните децении.

Таа одлука ја одразува големата промена во јавното мислење во нордискиот регион по руската инвазија на 24 февруари.

„Ова е историски момент што мораме да го искористиме“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на кратката церемонија на која амбасадорите на Финска и Шведска во НАТО ги доставија своите апликации за членство.

Ратификацијата на сите 30 сојузнички парламенти може да потрае до една година, велат дипломатите.

Турција во последниве денови ги изненади своите сојузници велејќи дека има резерви за финското и шведското членство. Столтенберг во средата изјави дека мисли оти проблемите можат да се решат.

„Ние сме решени да работиме на сите прашања и да донесуваме брзи заклучоци“, рече Столтенберг, истакнувајќи ја силната поддршка од сите други сојузници.

На почеток