Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во завршните зборови на одвоената постапка за случајот „Тенк“ рече дека кај дел од судечкиот совет, чиј претседател е судијката Добрила Кацарска, постои пристрасност уште од самиот почеток на судскиот процес. По завршувањето на рочиштето, беше кажано дека за пет дена ќе се знае дали Јанкуловска е виновна за набавката на луксузниот мерцедес, но и дали ќе оди во затвор. Поради семејната ситуација, ексминистерката може да добие поблага казна.
Јанкулоска низ солзи ја прокоментира одлуката на Судечкиот совет во експресен рок да го заврши процесот.
„Ова постапка се води во исклучителни околности за мене. Постои пристрасност кај мнозинството од судечкиот совет кој јавно искажа став дека сум виновна уште при носење на пресудата за Ѓоко Поповски и Никола Груевски. Дополнителна околност за пристрасност е носење на одлука во експресен период. На почетокот на Процесот требаше да се грижам за дете кое имаше 2 месеци, а сега на крајот има 3 месеци“, рече Јанкулоска низ солзи.
