Македонија

(ФОТО) Дилери уапсени на Стража

Ноќеска (02.10.) во рамки на засилените активности на Министерството за внатрешни работи во борба против недозволената трговија со дрога приведени се шест лица и запленети околу 22 килограми марихуана, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

-Марихуаната била транспортирана од Албанија во Македонија. Имено, на превојот „Стража“ од страна на полициски службеници запрени се две патнички моторни возила и при извршен претрес во возилото „Шкода суперб“ пронајдени и одземени се две вреќи со марихуана. На местото на настанот лишени се од слобода три лица од Скопје, меѓу кои и организаторот на транспортот на дрогата К.Р.(29) од Скопје, кој претходно бил осуден на казна затвор во траење од 11 години и бил во бегство од Казнено поправна установа „Идризово“, а се барал по распишана потерница. Лишени од слобода се и Р.И.(23) и С.Е.(22)- рече Ангеловски.

К.Р. планирал дрогата да ја продава на подрачјето на Скопје, Велес и Тетово. Извршени се претреси во Скопје и кај Р.И. е пронајдено околу 50 грама кокаин, 16 паковки со кокаин и дигитална вага, како и 46 куршуми калибар 22мм., додека кај С.Е. пронајдени биле околу 700 грама марихуана и таблети екстази и дигитална вага.

-Извршени се претреси и во Струга и Охрид, при што лишен од слобода е Ш.Т.(36) кој ја набавил запленетата марихуана од Р. Албанија, а исто така во врска со овој случај од слобода се лишени и Д.О.(62) од Струга и А.И. (42) од Охрид. Запленети се и две патнички возила, околу 3.000 евра и 4.000 денари кои потекнуваат од продажба на дрога, а од страна на Министерството за внатрешни работи се преземаат мерки и активности за идентификување на други инволвирани лица во случајот. По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за сторено кривично дело по чл.215 став 3 „недозволено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстаници““, соопшти Ангеловски.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток