Врховниот суд пресуди дека Американците имаат уставно право да носат оружје на јавно место


Законот, кој воведува построга контрола врз купувањето и поседувањето оружје во САД, го изгласа Сенатот, истиот ден кога Врховниот суд ги прошири правата за оружје.
Имено, Врховниот суд пресуди дека Американците имаат уставно право да носат оружје на јавно место за самоодбрана.
Важна судска одлука и иницијатива на Сенатот за контрола на оружјето ги илустрираат длабоките поделби околу огненото оружје во Соединетите држави, неколку недели по масовните пукотници во Јувалде, Тексас и Бафало во Њујорк.
Во тие престрелки загинаа повеќе од 30 луѓе, меѓу кои 19 деца, јавува Танјуг, пренесува Ројтерс.
Предлог-законот во Сенатот, усвоен вчера со 65 гласа „за“ и 33 „против“, е првата значајна регулатива за контрола на оружјето што е усвоена во САД во последните три децении.
„Овој двопартиски закон ќе помогне да се заштитат Американците. Децата во училиштата и заедниците ќе бидат побезбедни поради тоа. Претставничкиот дом треба веднаш да гласа за овој закон и да ми го испрати на потврда“, рече претседателот Џозеф Бајден по гласањето.
Предлог-законот беше поддржан од 15 републиканци и сите 50 демократи, а иако законот не ги содржи сите ограничувања што ги бараа демократите, како забрана за продажба на автоматско оружје, договорот со републиканците за ова прашање е историски.
Претставничкиот дом, кој има мнозинство демократи, го поздрави законот и во соопштение рече дека тој ќе биде разгледан денеска, а гласањето ќе следи што е можно поскоро.
Републиканците од Претставничкиот дом најавија дека нема да гласаат за предлогот, но нивната поддршка не е потребна за усвојување на законот.
Законот усвоен од Сенатот вчера предвидува потемелни безбедносни проверки за купувачите на оружје помлади од 21 година, построги услови за трговците со оружје и повеќе пари за федералните држави и локалните власти за подобрување на безбедноста на училиштата и лекување на проблеми со менталното здравје.
Истиот ден, Врховниот суд на Соединетите Американски Држави за прв пат објави дека Уставот го штити правото на поединецот да носи пиштол на јавно место за самоодбрана, давајќи им значајна победа на застапниците на правото на носење оружје.
