„Имате пари за пеење детски песнички за УЧК, а културното наследство пропаѓа“, Апасиев удри по министерката за култура
Културното наследство во Велес пропаѓа, посочи пратеникот Димитар Апасиев, кој не е задоволен од одговорот на Министерството за култура зошто не преземаат ништо иако има извршено решение за итна заштита. Тој рече дека министерката Бисерa Костадиновска-Стојчевска допир со култура има колку тој со нуклеарна физика.
„Велес е познат по својата стара градежна архитектура. Вие сте професор по англиски, а со култура имате допир колку јас со нуклеарна физика, па не сте експерт на темата. Но, можете да консултирате експерти. На пеример дел од овие куќи се учат на универзитетот Сорбона. Само вие смејте се, бидејќи додека имате пари да финансирате пеење детски песнички за УЧК, нашето културно наследство пропаѓа за нас. Најдо 15 куќи во Велес, четири куќи презема општината, во добра состојба се само три куќи, другите се паднати или пред паѓање“, кажа Апасиев.
Апасиев бара итна интервенција.
„Донесено е извршено решение со кое одредени објекти се ставени како културно наследство во опасност и две години не се постапува по тоа, а не да ми цитирате диспозитив од решение. Јас ве прашувам: што треба да направите ако итна мерка не ја преземате две години? Уште колку куќи треба да паднат“, посочи Апасиев.