Ковачевски најави хаос на протестите вечерва, Левица излезе со предупредување за вклучување на провокатори


Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека денеска се подготвува нешто што не доликува на земја членка на НАТО за време на протестот коj и денеска е од 19 часот пред Владата. Тој кажа дека овие информации ги добил од МВР. Не кажа дали протестите влијаат на одлуката која треба да ја донесе Владата, дали ќе го прифати францускиот предлог или истиот ќе биде одбиен.
„Ние сме демократско општество, каде секогаш и во секоја прилика, секој граѓанин може да го изрази својот став. Тоа треба да биде во рамки на законите. Се надевам дека ќе биде во рамки на законите. Вчера имавме четири повредени полицајци. Денес се планира нешто што не доликува на држава членка на НАТО“, кажа Ковачевски.
Од Левица пак посочија дека власта планира да вклучи провокатори во протестите.
„Откако вчера квислиншката власт се соочи со искрениот револт на народот, сега се обидува со перфидни методи да даде друга димензија на протестите – во нивниот препознатлив манипулативен и спинувачки стил. Благодарение на совесни вработени во службите, до нас пристигна информации дека власта има сериозни намери да вклучи провокатори во протестите. Се со цел да предизвикаат сериозни нарушувања на јавниот ред и мир за да ги оправдаат нивните полициско-репресивни активности и да се обесхрабри македонскиот народ да дојде да го изрази правото на протест против националните предавства. Ваквите методи на делување не се воопшто за изненадувањ кога станува збор за тоталитарен и хибриден режим. Нашите членови во ниту еден момент не ја загрозија безбедноста на полициските службеници вчера, ниту пак фрлаа со тврди предмети – а така ќе биде и на денешниот протест. Потенцираме дека членовите на Левица не носат фантомки, а секое лице кое во таква форма ќе биде забележано ќе биде изолирано и нема да му се даде поддршка во неговите активности.“
