Актуелно

Опасен топлотен бран зафати делови од Кина, САД и Европа

Опасен топлотен бран зафати делови од Кина, САД и Европа.

Најмалку 86 кинески градови издадоа предупредувања, а температурите се зголемуваат во југозападниот и централниот дел на САД и на Пиринејскиот Полуостров.

Кинеските метеоролози предвидуваат дека температурата во некои градови во следните 24 часа ќе достигне 40 степени Целзиусови, пишува лондонски „Гардијан“.

Во Шангај, најнаселениот град во Кина, властите ги предупредија жителите да се подготват за невообичаено топло време.

Од почетокот на температурните рекорди во 1873 година, Шангај има само 15 дена со температури над 40 степени Целзиусови.

Југозападните и централните региони на САД се соочуваат со екстремна топлина, со 42,2 степени Целзиусови во Вако и рекордни температури измерени минатиот викенд во градовите во Тексас, Колорадо, Оклахома и Арканзас.

Се предвидува пад на температурите во Тексас до крајот на неделата, додека Аризона ќе продолжи да се искачува до 45 степени Целзиусови како што се очекува следниот петок во главниот град на државата Феникс.

Шпанија е зафатена од вториот топлотен бран во текот на летото, со температури кои оваа недела достигнаа 44 степени Целзиусови во делови од јужниот и југозападниот дел на земјата.

Рубен дел Кампо, портпарол на државната метеоролошка агенција Аемет, рече дека топлотниот бран, кој започна минатата сабота, се очекува да го достигне врвот помеѓу вторник и четврток, но може да продолжи и во претстојниот викенд.

На почеток