Претседателот на Шри Ланка побегна на Малдиви
Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса рано утринава побегна од државата заминувајќи со воен авион за Малдивите, само неколку часа пред неговата однапред најавена оставка.
Од военото воздухопловство на земјата потврдуваат дека Раџапакса, неговата сопруга и двајца телохранители се качиле во авион на воздухопловството што одлетал за Мале, главниот град на Малдивите.
Владин извор и лице блиско до Раџапакса веќе соопштија дека Раџапакса е во Мале, а според нивните изјави, претседателот оттаму би требало да замине во друга азиска земја.
Претседателот на Шри Ланка претходно вети дека во текот на денешниот ден ќе поднесе оставка, што се очекува по писмен пат да биде доставена до Парламентот.
Раџапакса последен пат пред јавноста се појави во петокот, ден пред илјадници демонстранти насилно да упаднат во неговата и резиденцијата на премиерот, барајќи смена на власта.
Семејството Раџапакса, вклучувајќи го и поранешниот премиер Махинда Раџапакса кој поднесе оставка во мај, со години доминира на политичката сцена во Шри Ланка. Поголемиот дел од 22-милионското население на островот смета дека Раџапакса фамилијата е виновна за актуелните проблеми и економскиот крах на Шри Ланка.