Актуелно

Речиси половина од Германците сметаат дека антируските санкции повеќе и штетат на Германија отколку на Русија

Речиси половина од Германците кои учествуваа во истражувањето на јавното мислење сметаат дека антируските санкции и штетат на Германија повеќе отколку на Русија.

Истражувањето на 1.003 испитаници спроведено од агенцијата ИНСА за весникот Bild am Zontag покажува дека 47 отсто од испитаниците сметаат дека санкциите и нанеле поголема штета на Германија отколку на Русија, само 12 отсто имаат спротивно мислење, додека 36 отсто сметаат дека санкциите се болни за двете земји, пренесува агенцијата Тас.

Резултатите од истражувањето покажаа дека 74 отсто од испитаниците очекуваат Германија наскоро да ја погоди економска криза и зголемување на невработеноста, 83 отсто од испитаниците очекуваат зголемување на цените, а 63 отсто стравуваат од сериозен недостиг на гас.

И поранешниот пратеник во германскиот Бундестаг и Европскиот парламент, Фабио де Маси, смета дека санкциите повеќе им штетат на земјите што ги вовеле отколку на Русија.

Во интервју за Берлинер Цајтунг, тој изјави дека „Германија се тресе“ и дека наскоро може да замрзне.

„Не е јасно колку долго Русија ќе продолжи со испораките на гас и дали складиштата за гас ќе имаат доволно количества за домаќинствата и економијата да ја преживеат зимската сезона“, рече Де Маси.

Тој предупреди дека последиците од недостигот на енергија веќе се чувствуваат во Германија бидејќи цените на горивата пораснале „до небо“.

На почеток