Актуелно

Италија склучи нов договор за снабдување со гас

Алжир ќе ја снабдува Италија со „многу голема количина гас“ според договорот вреден 4 милијарди долари, рече претседателот Абделмаџид Тебун.

Тој го поздрави „стратешкото партнерство“ со Рим за време на посетата на италијанскиот премиер Марио Драги на таа земја, пренесува Ројтерс.

Официјален алжирски извор минатата недела објави дека државната енергетска компанија Сонатрак ќе го зголеми снабдувањето со гас во Италија за дополнителни 4,0 милијарди кубни метри годишно, покрај претходно планираните 21 милијарда кубни метри.

Договорот што Сонатрак ќе го потпише со Ени, Тотал Енерџи и Оксидентал во вторник, доаѓа во време кога испораките на гас од Алжир стануваат сè поважни за јужна Европа поради намалениот извоз од Русија по нападот врз Украина.

По средбата со Тебун во Алжир, Драги рече дека Италија е „привилегиран партнер“ на Алжир и дека зголемувањето на испораките на гас за 4,0 милијарди кубни метри го претставува „забрзувањето на кое се надевавме“.

„Во последните месеци Алжир стана водечки снабдувач на гас за нашата земја“, додаде тој.

Тесната ситуација со снабдувањето на глобалниот енергетски пазар претставува одлична можност за Алжир да ја сврти страницата на долгогодишниот пад на приходите, што нагло ги намали девизните резерви на земјата и доведе до непопуларно фискално заострување.

На почеток