Магазин

(ВИДЕО) Радожда – најубавото езерско село во Македонија

Во крајниот југозападен дел на Македонија во околината на градот Струга векува рибарското село Радожда. Сѐ што треба е само да им се препуштите на звуците на природата и на галежливите бранувања на Охридско Езеро покрај кое се простира Радожда.

Сместено во подножјето на карпестиот гребен, селото Радожда го одликуваат неколку културни и природни знаменитости. А, во неговиот атар се наоѓаат седум свети храмови. Централна е селската црква Свети Никола која е изградена во 18 век. Други цркви се најстарата пештерска црква Свети Арангел Михаил која е од 14 век и поновите Св.Петка, Св.Недела, Св.Среда, Св.Илија и Св.Богородица. Понова знаменитост е 22 метри високиот крст којшто се наоѓа на влезот во селото.

Друга многу важна знаменитост е зачуваниот дел на патот Виа Игнација-зимска траса. Таа минувала преку подалечните јужни предели преку Албанија и Македонија, бидејќи поблиските биле преку зима завеани и со тоа непроодни. Зачувани се околу стотина метри од поплочениот пат кој селаните го викаат калдрма. Од природните реткости најважно е самото езеро кое според староста е едно од најстарите во светот. Друга реткост е карпата која се наднесува над селото, која е висока околу 70-80 метри и долга околу 300 метри.

Престојот во селото ќе ви го отвори и апетитот, особено откако ќе ја пробате грумански подготвената риба.

На почеток