На првата владина седница во 2019-та година, на дневен ред се Предлог-програми за реализација на крупни проекти на речиси сите министерства.
На 114-та седница пред министрите ќе се најде Предлог-програмата за работа на Владата на Република Македонија во 2019-та година.
Денеска Владата ќе ја разгледа информацијата за годишна програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2019 година, со Предлог-одлука.
Министерството за здравство за денешната седница предлага дваесетина предлог-програми за претстојната година. Дел од нив се Предлог-програма за задолжително здравствено осигурување на државјаните на Република Македонија, за систематски прегледи на учениците и студентите, понатаму Предлог-програма за Здравје за сите, за лекување на ретки болести, за задолжителна имунизација, за трансплантација, за рана детекција на малигни болести, итн.
На предлог на Министерството за образование и наука, на дневен ред се Предлог-програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, како и Предлог-програмите за остварување и развој на дејноста во ученичкиот и студентскиот стандард за 2019-та година.
Владата на 114-та седница ќе одлучува за Предлог-годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура за 2019-та година.
На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, дел од владината седница е Предлог-програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија за 2019-та година.
Дел од денешната седница се и Предлог-програмата за инвестирање во животната средина за претстојната година, како и Предлог-програмата за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2019-та година.