Годинава сите царински деклариции и акцизни документи ќе се обработуваат електронски, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, Кој денеска беше во посета на Царинската управа. Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проекти царински испостави, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински испостави во земјава.
-На овој начин за фирмите, значително се скратуваат трошоците и се намалува времето. Сите документи ќе се поднесуваат електронски. Наша цел е да автоматизираат процесите и со тоа да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Во првата половина од годинава ќе биде пуштен и нов терминал на граничниот премин Ќафасан. Проширувањето на царинскиот премин Ќафасан опфаќа нов увозно-извозен царински терминал од 9,5 илјади м2, пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи како и реконструкција на постојните објекти.
-Општата цел на проектот e олеснување на прекуграничните постапки и спроведување на законите, што ќе се постигне со реконструкција на објектите за царинење и инспекција, обезбедени подобри услуги за економските оператори и побрз проток на стоката, како и зајакната заштита на државата и општеството – рече директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танаскоски.
Танаскоски додаде дека минатата година беше пуштен во употреба новиот царински терминал на граничниот премин Табановце, зафат кој овозможува олеснување на прекуграничната трговија долж Коридорот 10 и спроведување на царинските постапки во модерни капацитети.