Нетфликс го прекина снимањето на „Круната“: „Серијата е љубовно писмо до Елизабета Втора“
Нетфликс одлучи да го паузира снимањето на серијата „Круната“, која го прикажува животот на кралицата Елизабета Втора и целото кралско семејство.
Откако вчера веста за смртта на кралицата се рашири низ светот, Питер Морган, кој го напиша сценариото за филмот „Кралицата“ од 2006 година, како и сценариото за серијата „Круната“ на Нетфликс, се огласи и кажа дека од почит би го прекинал снимањето на овој проект.
„Круната е љубовно писмо до Елизабета Втора и немам што друго да додадам во овој момент, само тишина и почит… Очекувам и ние да престанеме да снимаме од почит“, изјави Морган, а пренесува Дејли Мејл.
Нетфликс одамна подготвува план што да прави во случај кралицата да умре за време на снимањето на серијата.
Кога серијата првпат започна со производство, Стивен Далдри, кој режираше некои од раните епизоди од првата сезона, рече дека проектот ќе биде ставен во мирување одреден временски период.
„Никој од нас не знае кога ќе дојде тоа време, но би било правилно и соодветно да покажеме почит кон кралицата. Тоа би било едноставнo знак на почит. Таа е глобална личност и тоа е она што треба да го направиме. Таа е извонредна жената и луѓето ќе бидат вознемирени“, изјави еднаш тој.
Да потсетиме, досега во серијата „Круната“ кралицата Елизабета ја играа Клер Фој и Оливија Колман, а беше планирано нејзиниот лик во следната серија да го толкува Имелда Стаунтон.