Актуелно

Зошто Нетфликс бара стјуардеси

Работата стјуардеса носи многу бенефиции, а покрај патувањето низ светот, добрата заработка е и еден од факторите што ги тера многу луѓе да ја изберат оваа професија, особено ако работодавецот е Нетфликс.

Имено, стриминг сервисот објави дека бара стјуардеса која би работела во приватен авион со опсег на плата од минимум 60 до 385 илјади долари, односно од 55 до 355 илјади евра.

Рекламата е објавена на веб-страницата на Нетфликс, на која се вели дека „Нетфликс авијација“ бара некој што има „страст за авијација и желба да работи во тим од соништата“.

Но, зошто стриминг сервисот бара стјуардеси? Сè е објаснето во описот на работата.

Кои се условите

„Воздухопловниот тим му помага на Нетфликс да стигне до различни делови од светот што е можно поефикасно за да може компанијата да продолжи да создава и шири радост низ планетата“, напишаа тие.

Идеалната личност за оваа работа треба да ја прифати компаниската култура, да биде независна и самомотивирана. Покрај тоа, таа мора да поседува способност да донесува независни одлуки, мора да биде дискретна и мора да има извонредни вештини за услуги на клиентите кои обезбедуваат беспрекорно искуство за патниците.

Работа од соништата?

„Ова е лидерска позиција за стјуардеса со седиште во Северна Калифорнија, а вистинскиот кандидат ќе биде професионално обучен за помош во кабината, помош на патници и итна евакуација“, додаваат тие.

Во огласот потоа беа објаснети конкретните квалификации кои треба да ги поседува идеалниот кандидат, а беше наведено и дека успешниот ќе има плата до 385.000 долари или 355.000 евра.

На почеток