Актуелно

„Бугарија, Романија, Грција и Словачка се најмногу изложени на заканата од руски дезинформации“, вели словачки министер

Словачкиот министер за надворешни работи Растислав Качер смета дека дезинформацијата е акт на агресија.

На состанокот посветен на лажните вести организиран од Институтот за хуманитарни науки и Словачката амбасада во Виена, Качер рече дека Русија и Кина сфатиле дека со малку инвестиции можат да предизвикаат голема штета.

„Русија особено ги користи лажните вести како оружје, при што Бугарија, Романија, Грција и Словачка се најмногу изложени на заканата од руски дезинформации“, објасни тој.

Бугарскиот експерт Иван Крастев нагласи дека станува збор за користење на недовербата како оружје.

„Руската пропаганда се обиде во Бугарија да ги натера луѓето да не се вакцинираат, додека Путин ја промовираше вакцинацијата во неговата земја“, рече тој.

Качер посочи дека треба да се користат сите инструменти кои се логични за војна, а логично е да се санкционираат руските медиуми.

„Меѓутоа, често недостасуваат правни средства за дејствување против пропагандата. Ние не ги забрануваме медиумите, туку пропагандата“, рече советникот за медиуми од Чешка, Михал Клима.

Тој додаде дека дезинформациите поттикнуваат и злосторства од омраза и затоа е потребна зголемена меѓународна соработка за следење на екстремната десница на Интернет.

„Лицата што убија две лица на улица во Братислава преку Твитер ги повикаа своите следбеници од различни земји да го продолжат она што го започнаа. Без официјална соработка, тие не можат да бидат пронајдени и уапсени“, објасни Качер.

Во врска со актуелните гласини за „валканата бомба“, генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Австрија, Петер Лаунски-Тифентал изјави дека тоа се руски гласини со цел да се поткопа европската поддршка за Киев.

На почеток