Актуелно

Романците бесни поради Шенген, амбасадорот од Австрија повикан на консултации

Во петокот, еден ден откако Виена го блокираше нејзиниот влез во Шенген, Романија одлучи да го покани амбасадорот во Австрија на консултации.

„Дипломатот Емил Хурезеану е поканет на консултации во Букурешт“, соопштија од МНР.

„Ова е политички гест со кој го нагласуваме големото неодобрување на Романија за постапките на Австрија и со кој навестуваме дека ќе го намалиме нивото на односите со таа земја“, се додава во соопштението.

Премиерот Николае Ќука рече дека е „длабоко разочаран“ од одлуката на Австрија да го блокира влезот на неговата земја во најголемата зона на слободно движење во која неговата земја се обидува да влезе речиси 11 години.

Затоа, романското Министерство за надворешни работи во четвртокот вечерта го покани австрискиот амбасадор во Букурешт да изрази „протест против неоправданиот и непријателски однос“.

По повеќе од 10 години во чекалната, Романија, земја со 19 милиони жители која се приклучи на ЕУ во 2007 година, имаше големи надежи дека ќе биде интегрирана во Шенген зоната, каде што повеќе од 400 милиони луѓе можат слободно да патуваат без внатрешни контроли.

Европската комисија одамна изрази желба за проширување на Шенген зоната, но во четвртокот зелено светло доби само Хрватска, додека Романија и Бугарија беа одбиени. Австрија се спротивстави со оценката дека двете земји не прават доволно за да ја запрат илегалната миграција преку „западнобалканската рута“ и стравува дека приливот уште повеќе ќе се зголеми доколку влезат во Шенген зоната.

Романскиот министер за внатрешни работи Лусијан Боде ја потсети Австрија дека „мигрантскиот бран не минува низ Романија“, туку главно преку Србија.

Западнобалканската рута ја сочинуваат Бугарија, Србија и БиХ, посочува АФП. Поради одлуката на Виена, имаше повици за бојкот на Австрија, особено од министерот за туризам, кој ги повика сонародниците да не одат на скијање во Австрија, туку да изберат други дестинации, како Франција.

Австрија е „втор по големина инвеститор“ во Романија, посочуваат од МНР. Многу јавни претпријатија имаат сметки во австриски банки, а во земјава се присутни и големи австриски компании како OMV и HS Timber Group за преработка на дрво.

На почеток