Актуелно

Србите на Косово ги чека тешка ноќ, ги дадов најважните наредби, истакна Вучиќ

Анализиравме се што се случува на Косово, како и меѓународниот аспект, односно ситуацијата на теренот, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за РТС по седницата на Советот за национална безбедност одржана во врска со ситуацијата на Косово.

Тој ги повика Србите и Албанците на Косово на зачувување на мирот, да не се напаѓаат КФОР и ЕУЛЕКС, да му се верува на КФОР и да се ослободат уапсените Срби, јави дописникот на МИА од Белград.

– Презедовме соодветни мерки да ја заштитиме нашата татковина, во насока на тоа ги дадов најважните наредби и Советот за национална безбедност ги прифати и морам да кажам дека сме многу горди на нашите војници и полицајци. Станува збор за обид да се стави крај на српскиот проблем на Косово и Метохија, во кој учествуваат Албин Курти и властите во Приштина и добар дел од меѓународната заедница, која се прави дека не гледа што се случува. Денеска бев шокиран од изјавите на одредени функционери дека барикадите се страшни. Прво никој од Белград не нареди барикади, не ја напаѓајте Србија – изјави Вучиќ.

Тој додаде дека „ова е нивен израз на протест против апсењето луѓе, тепањето луѓе, малтретирањето на луѓето и неисполнувањето на Бриселскиот договор”.

– Она што е важно за нас е да ги повикаме и Албанците и Србите да го зачуваат мирот и да се смири ситуацијата – рече Вучиќ и ги повика Србите на север да бидат мирни и да не наседнуваат на провокации.

Што се однесува до наводите за нападот на ЕУЛЕКС, тој кажа дека наша должност е да повикаме на мир и да побараме никој случајно да не ги напаѓа припадниците на КФОР и ЕУЛЕКС.

– Србите мора да му веруваат на КФОР додека не се докаже спротивното. Ние не одиме против КФОР или ЕУЛЕКС, само сакаме да го спасиме нашиот народ.

Вучиќ изјави дека Србите во Косово ги чека „тешка ноќ”.

– Се надевам и имаме гаранции од КФОР и Европа дека тие нема да преземат насилни дејствија против демонстрантите и се надевам дека ќе биде така, ќе сториме се за да ги зачуваме мирот и стабилноста – рече српскиот претседател.

На почеток