Актуелно

По Албанија и Косово планира да купи бајрактар

Министерот за регионален развој на Косово Фикрим Дамка потврди дека земјата планира да купи беспилотни летала Бајрактар ​​произведени во Турција.

На новинарско прашање за целите на Косово во вооружувањето, Дамка потврди дека на дневен ред е купувањето на беспилотни летала Бајрактар, пренесува klix.

„Секако, на нашата агенда е и прашањето за вооружени беспилотни летала. Во таа смисла, нашата земја продолжува да работи. Остварени се посети. Нашиот претседател и министерот за одбрана ги посетија производствените капацитети. Секоја земја сака да има дронови дома, во магацинот на својот воен арсенал“, изјави Дамка.

Претседателот на Косово Вјоса Османи во февруари годинава ја посети фабриката за дронови Бајрактар. Во меѓувреме, Албанија го официјализираше купувањето на три вакви беспилотни летала.

Бајрактар ​​е релативно евтин дрон кој прв пат полета во 2014 година. Вакви беспилотни летала од типот ТБ2 користат армии на повеќе земји, а се испратени и во Украина за да им помогнат на силите на Киев во борбата против Русија.

И покрај тоа што цената на Бајрактар ​​не беше јавно објавена, на почетокот на оваа година беше организиранo собирање средства за набавка на вакви дронови за Украина, а организаторите на собирањето средства сметаат дека за еден дрон се доволни пет милиони евра.

Бајрактарите одиграа голема улога и за време на конфликтот во 2020 година во спорниот регион Нагорно-Карабах, кога Азербејџан користеше беспилотни летала ТБ2 против ерменските сили.

На почеток