Интервјуа

Константин Георгиевски: Охрид влезе во историски процес на раздолжување на градот

Во интервју за Скопје1.мк актуелниот в.д. градоначалник на Охрид Константин Георгиевски зборува за историскиот процес на раздолжување на Охрид кој почна да се случува од како Премиерот Зоран Заев почна да го исполнува ветувањето кое го даде преку „Охрид 1“ дека ќе го раздолжи Охрид и ќе формира ново јавно претпријатие „Колектор“. Константин зборува и за тековните проекти, а даде одговори и дали размислува да се кандидира на претстојните избори кои ќе се случат оваа пролет.

Скопје1.мк: Во буџетот на општината годинава влегоа и милионите евра кои Владата ги трансферира за раздолжување на Охрид кое мора да се заврши во првата половина на годината. Подготвени ли сте за овие преговори со компаниите доверители ?

„Советот на Општина Охрид за 2019 година го изгласа најголемиот буџет во историјата на градот , тежок 1.040.000.000 денари , од кои 495.000.000 отпаѓаат на средства кои ќе припаднат на Општината согласно мерките на Владата на Република Македонија за раздолжување на општините . Во Општина Охрид во тек е јавен повик на пријавување на доверителите како ние би биле во можност да формираме првична ранг листа на доверителите , потоа да пристапиме кон преговори со дел од нив во однос на каматите и да ја формираме листата која треба да ја доставиме до Советот на Општина Охрид и истата да добие зелено светло за реализација и исплата . Подготвени сме за преговори со доверителите и во периодот кој следува и за мене како В.Д Градоначалник тоа е една од најважните задачи , затоа што сме временски врзани согласно закон тој процес да го завршиме до 30.06.2019. Овој целокупен процес е исклучително значаен за Општина Охрид и после долги и мачни години кога Општината се гушеше во долгови , за прв пат благодарение на Премиерот Зоран Заев, кој го исполна ветувањето дадено кон граѓаните на Охрид , а тоа е раздолжувањето на Општината , ние сега можеме да зборуваме за раздолжување на една од најзадолжените , ако не и најзадолжената општина во државата “ , вели Георгиевски и го коментира односот на ВМРО ДПМНЕ кон ова прашање:

„Мене ми е исклучително криво што советниците во Советот на Општина Охрид од редот на ВМРО ДПМНЕ , не гласаа за овој буџет , со тоа тие не гласаа за раздожување на Охрид , за просперитет и иднина на градот , едноставно нејасно ми е како е можно да не гласаа ЗА Охрид , но сепак , тоа е нивен избор , од кој што еден ден ќе се срамат “, заклучува Георгиевски.

Скопје1.мк: Ќе се раздолжуваат ли и јавните претпријатија ?

„Една третина од долгот на сите јавни претпријатија во Македонија , отпаѓа на МЈП Проаква Охрид . Кога пред една година и два месеци дојдовме на власт затекнавме таму , јавно претпријатие кое немаше исплатено 3-4 плати и придонеси на работниците и загуба од околу 36.000.000 денари на годишно ниво , а за инвестиции и да не зборуваме .Слична беше ситуацијата и во другите јавни претпријатија , можеби не изразена во толкава мерка , но сепак ситуацијата беше далеку од сјајна , освен во ЈП Нискоградба , каде во споредба со останатите јавни претпријатија состојбата беше донекаде стабилна и консолидирана до некое прифатливо ниво . Согласно законот е предвидено раздолжување и финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита за финансирање на доспеани, а неплатени обврски. Ние и во изминатата година активно работевме на консолидација и раздолжување на јавните претпријатија , па така ЈП Проаква од тежок загубар дојде во ситуација после само една година за прв пат после не знам колку години на работниците да им додели К-15 , а загубите се сведени на минимум . Се постигна нешто за што многу пред нас пробаа , но малку направија , а тоа е уште едно ветување кое го даде Премиерот Зоран Заев и го исполна,  а тоа е решавањето на Колекторот , тоа е завршена работа . ЈП Колекторски систем е во фаза на формирање и со тоа драстично се менува целата слика“.

Скопје1.мк: Како ќе оди таму овој процес и кое претпријатие може да очекуваме прво да се раздолжи ?

„Во тој дел следуваат драматични и тектонски позитивни придвижувања на кој ние како генерација ќе сме горди . ЈП Охридски Комуналец покрај намалување на долговите , инвестираше сопствени околу 8.000.000 денари и околу 430.000 ЕВРА од кредитна линија на Светска банка со која беа набавени уште 5 комунални возила , една цистерна и еден трактор “.

Скопје1.мк: Ќе продолжат ли активностите за промоција и поддршка на туризмот и промотивните активности на саеми и презентации во светот ?

„Туризмот претставува водечка гранка во Охрид , ние активно ќе продолжиме во промоција на Охрид како атрактивна туристичка дестинација но и во креирање на приказна за Охрид , и ќе работиме на развој и развиток на планината заедно со сите здруженија и поединци кои имаат однос кон природата и културните богатства во насока на развој на алтернативен турирам , хајкинг , алпинизам и велосипедизам . И секогаш ќе сум на страната на природното богатство и дозираното употребување на тоа што само го позајмуваме од нашите деца во моментов на нашето битие на овој свет а тоа е нашиот прекрасен Охрид , и ќе се залагам против изградба на Ски Центар на Галичица и сметам дека е чесно еднаш за секогаш да се најде маж кој ќе престане да ги замајува Охриѓани со луди , економски неисплатливи и неостварливи проекти за Ски Центар на Галичица . Јас сум пасиониран скијач и планинар , и најмногу од сите сакам да имаме Ски Центар на Галичица , но реалноста е сосема поинаква , едноставно таму нема услови за тоа и тоа никогаш нема да се случи и сите претходни најави , ветувања и муабети се само празни дневно-политички муабети .Промотивните активности секако дека ќе продолжат , учеството на саеми ценам дека досега е разбирано како добра можност за прошетка на дел од администрацијата без некој значаен и мерлив ефект и истото во периодот кој следува лично ќе го ревидирам во консултација со релевантни експерти од областа на туризмот“ .

Скопје1.мк: Кои се тековните проекти кои во моментов се работат во Охрид ?

„Во моментот во тек е изградба на спортска сала во ЕМУЦ , потпишан е договор за комплетна реконструкција на кружниот тек кај Општа Болница Охрид исто така и за довршување на патеката до Хотел Парк , со подобрување на времето започнува комплетна реконструкција на Булевар Туристичка , улица Егејска се надевам до средина на февруари да започне со реконструкција , во село Лескоец сме при крај со неколку краци на канализација кој после застој од околу 2месеци ќе ги продолжиме … така да , пролетва не очекува вистинска инфраструктурна инвазија во Охрид“ .

Скопје1.мк: Имате ли аспирации да сте кандидат на Локалните избори кои не чекаат најдоцна на пролет ?

„Моментот на загубата на Градоначалникот Стојаноски ме најде , како негов заменик. Многу часови поминавме заедно во разговори каков Охрид сакаме , каде сакаме да го развиваме градот , имавме голема доверба еден во друг . Тешко беше и е , да се размислува сега на оваа тема , посебно кога тој кобен 15ти Декември до последно бевме заедно . Не знам … доколку би размислувал во насока на избори и кандидатура тоа веројатно би било во знак на почит кон човекот кој прв имаше доверба во мене , доследно и достојно да го продолжам патот за кој часови и часови на моменти во занес разговараме за нашиот Охрид . Сепак сметам дека е премногу рано за одлука по тоа прашање . Ќе следуваат партиски консултации , разговори и носење одлуки од органите на партијата , сепак не можам да исклучам моја кандидатура на локалните избори во Охрид , доколку партијата и членовите го побараат тоа од мене “.

Најчитани

To Top
Close