За една недела контроли во 200 објекти: Изречени 56 казни
Во текот на изминатата недела односно во период од 10.01 – 14.01.2023 година беа извршени над 200 инспекциски надзори на територија на Република Северна Македонија, во согласност со надлежностите на Државниот пазарен инспекторат, кои произлегуваат од Законот за заштита од пушење. За време на надзорите утврдени се неправилности односно непочитување врз основа на член 2 и член 3 од Законот за заштита од пушењето за што се издадени 56 прекршочни платни налози. Според Законот, казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, за одговорното лице од 500 до 1.000 евра, а физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект ќе биде казнето со 100 до 300 евра, и истите во денрска противвредност.
„Државниот пазарен инспекторат постапува по над 80 закони и подзаконски акти и Одлуки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија, меѓу кои и Законот за заштита од пушењето. Заради зголемениот број на пријави од страна на граѓаните за пушење во јавните простории согласно член 2 од Законот за заштита од пушењето, напоменуваме дека согласно член 3 од истиот Закон, пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично) па согласно тоа, Државниот пазарен инспекторат како и до сега така и од сега ќе продолжи со интензивни контроли врз субјектите со цел контрола врз почитувањето на законските одредби.
Напомнуваме дека казните се високи па токму затоа даваме апел и известување до правните субјекти врз кои се врши контролата, законот да се почитува, а граѓаните доколку забележат прекршување на овој Законот да го искористат своето законско право поднесувајќи пријава до Државниот пазарен инспекторат“, велат од Пазарен инспекторат.