Димоски бара ветинг: Кога деца/сопружници на судии и обвинители стануваат кандидати за правосудни функционери, има поле да зборуваме за корупција
Речиси 18 проценти од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит, објави Макфакс.
Во врска со ова, поранешниот обвинител Војо Димоски вели дека кога деца/сопружници на судии и обвинители стануваат кандидати за правосудни функционери, има поле да се зборува за корупција.
„Кога роднини на политичари стануваат кандидати за судии, има поле да зборуваме за сторена злоупотреба на положбата. Кога деца/сопружници на судии и обвинители стануваат кандидати за правосудни функционери, има поле да зборуваме за корупција.
Ако некој ме прашува мене (а не сакам да ширам паника, ама ме прашува !) сето ова треба да биде опфатено со ветинг.
п.с. Ова како родител: Им правите мечкина услуга на вашите деца. Јасно е дека немајќи можност да им оставите занает, во наследство им ги оставате функциите! Единствено што треба да остави во наследство одговорен родител е чист образ! Нормално ако го има“, вели Димоски.