Свет

12 американски сенатори бараат укинување на зимското сметање на времето

Група од 12 американски сенатори повторно воведе закон со кој летното сметање на времето ќе биде трајно во САД.

Како што потсетува Ројтерс, во март 2022 година, Сенатот едногласно изгласа прекин на менувањето на часовниците двапати годишно во САД. Сепак, законот не успеа да помине на гласање во Претставничкиот дом на САД, бидејќи конгресмените не можеа да се договорат дали да го задржат зимското или летното сметање на времето.

Новиот предлог доби поддршка од сенаторите и од Републиканската и од Демократската партија. Сенаторот од Флорида, Марко Рубио, кој стои зад предложениот закон, го нарече ритуалот на менување на часовникот „глупав“ и застарен.

Во Претставничкиот дом сличен закон предложи и конгресменот Верн Бјукенан, исто така од Флорида, кој оцени дека укинувањето на сезонското време ќе донесе огромни здравствени и економски придобивки.

Телевизиската мрежа ABC истакнува дека ваквата идеја има значителна популарност во САД. Анкетата на Универзитетот Монмаут, спроведена минатата година, покажа дека 61 отсто од Американците сакаат да го прекинат летното сметање на времето.

Истото истражување покажа дека 44 отсто од Американците сакаат летното сметање на времето да стане постојано, додека 13 отсто сакаат стандардното (зимско) сметање на времето да се одржува во текот на целата година.

Американските медиуми посочуваат дека поддршката за откажување на менувањето на часовниците двапати годишно доаѓа од оние кои велат дека тоа ќе ја намали потрошувачката на струја, ќе ја ублажи сезонската депресија и ќе го елиминира зголемувањето на сообраќајните незгоди кои вообичаено се случуваат при промена на часовниците.

Оние кои се за задржување на сегашната состојба велат дека со укинувањето на сезонската смена на времето, милиони школски деца во зима ќе одат на настава во темница.

Летното сметање на времето во САД е воведено во 60-тите години на минатиот век, а оваа година започнува на 12 март и трае до 5 ноември.

Од 2015 година, околу 30 американски држави донесоа закони за ставање крај на летното сметање на времето.

На почеток