Актуелно

Додик најави дека ќе ги ограничат правата на припадниците на ЛГБТИК

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, најави дека властите на Република Српска ќе ги ограничат правата на припадниците на ЛГБТИК заедницата во тој ентитет со нов закон со забрана за пристап на нејзините активисти до образовните институции.

„Нема да можат да пристапат, нема да можат да спроведуваат пропаганда“, рече Додик во вчерашното интервју за локалната телевизија К3. На страниците на таа телевизија со седиште во Прњавор стои објаснувањето на Додик дека законската забрана за активисти кои ги промовираат правата на припадниците на сексуалните малцинства ќе важи и за објектите каде што има училишта и градинки.

Всушност, не е јасно дали таквите лица, на пример, ќе имаат право да ги носат своите деца во и од такви институции. Лидерот на босанските Срби објасни дека воведувањето на таков закон произлегува од институционалната одговорност на властите во РС на овој начин да ги зачуваат традиционалните и семејните вредности.

Додик пред две недели побара од полицијата во Бања Лука да забрани затворен состанок на ЛГБТИК активисти, а по негово барање, група хулигани во тој град минатата сабота ги нападнаа активистите, при што биле повредени три лица. Поминаа седум дена, но полицијата се уште не открила ниту уапсила ниту еден од напаѓачите.

Најавата за воведување на новиот закон насочен против припадниците на сексуалните малцинства следува откако парламентот на РС го поддржа предлог-законот за криминализација на клеветата во тој ентитет, а самиот Додик најави закон со кој невладините организации што ќе бараат донации од странство, да се регистрираат како странски агенти.

Претседателот на бордот на Транспаренси Интернешнл за БиХ, Срѓан Благовчанин, смета дека Додик создава атмосфера на линч, што веќе предизвика насилство врз новинарите и граѓанските активисти и со тоа оди по стапките на белорускиот диктатор Александар Лукашенко. „Очигледно ќе имаме мини Белорусија во рамките на Босна и Херцеговина“, заклучил Благовчанин.

На почеток