Настрана од прашањето околу името, зачленувањето во НАТО ќе има реперкусии по нашиот животен стандард, реперкусии кои не смееме да ги занемариме, реперкусии поради кои ниту под уставното име не треба да прифатиме зачленување во НАТО.
180.000 евра потрошија за организирање прослави за (евентуалното) зачленување на Македонија кон НАТО. Многумина на ова ќе речат дека тоа не се многу пари – иако самите мака мачат да обезбедат пристоен живот за себе и за своите семејства. Принудени се да внимаваат како го трошат секој денар, а за илјадниците и милионите евра народни пари кои власта ги фрла во ветер, покажуваат зачудувачка ноншалантност. Без да сфаќаат дека токму затоа што Македонија е сиромашна земја треба посебно внимание да се посвети на тоа како власта ги троши народните пари, без да сфаќаат дека тие пари можат да ја ублажат сиромаштијата, ако се правилно искористени, или да нè втурнат во дополнително осиромашување, ако се фрлаат во бунар или завршуваат во приватни џебови.
Да зборуваме за парите
Американскиот претседател Трамп со нетипична отвореност кажува колку парите се важни кога се зборува за НАТО. Она за што многумина избегнуваат јавно да зборуваат, за да не пресмета јавноста колку се два и два, тој отворено го кажува. Да, НАТО е и воен и политички сојуз, но НАТО е и економски механизам, кој функционира во корист на воената индустрија, чие лоби го застапува Трамп. Со недипломатска упорност тој постојано го врти разговорот на зголемувањето на воените расходи на земјите-членки на НАТО, предизвикувајќи видлива нелагодност кај сојузниците. Се нижат коментари дека НАТО не е приватна компанија за обезбедување, дека Трамп кон останатите членки на НАТО се однесува не како кон сојузници, туку како кон бизнис партнери кои се должни да го испорачаат својот дел од зделката. Постојат и обиди да се релативизира неговата изјава дека е потребно да се одвојуваат не 2 отсто од БДП за „одбрана“, туку двојно повеќе, пишува МКД.мк
Сегашната влада на СДСМ-ДУИ, подготвена по секоја цена да ја зачлени Македонија во НАТО, веќе ја покажа својата намера да троши повеќе пари за одбрана. Буџетските расходи за одбрана за 2018 година пораснаа за 163 милиони денари во однос на 2017 година, а министерката Шекеринска најави дека со амбициозно темпо планирале да го достигнат нивото од 2 отсто од БДП за одбрана.
Директните трошоци за членување на Македонија во НАТО, согласно нивната формула за поделба на трошоците, се „мали“. Тие се утврдуваат според БДП на земјите членки, па со оглед на тоа што Македонија има нешто помал БДП од Албанија, Македонија како членка на НАТО би плаќала приближно ист износ како неа, односно околу 1,2 милион евра годишно. Со оглед на тоа што за интеграција во НАТО во буџетот за 2018 година се предвидени 15,2 милиони евра, директните годишни трошоци за членување во НАТО може да се чинат ниски. Иако со тие 1,2 милиони евра можат да се покријат годишните трошоци за социјална парична помош на дополнителни 1.000 четиричлени семејства, а со тие 15,2 милиони евра – на дополнителни 12.800 четиричлени семејства кои се мачат со сиромаштијата, барем малку ќе им се олеснеше животот.
Далеку поопасни се индиректните трошоци кои ги предизвикува членувањето во НАТО, тие фамозни 2 отсто од БДП. Не треба да заведува овој наизглед низок процент! За Македонија во 2017 година да го достигнеше таргетот на НАТО и наместо 0,98 отсто да имаше воени трошоци од 2 проценти од БДП, ќе требаше да одвои дополнителни 104 милиони евра во буџетот за одбрана! Тука не станува збор за 104 денари, туку за 104 милиони евра! Парите не растат на дрво. Тие пари ќе мора да се извлечат на штета на другите буџетски ставки! Кои ќе бидат тие буџетски ставки на кои ќе се „штеди“?
Пензискиот систем мора да се одржува преку голем трансфер од централниот буџет. Во 2017 година од Буџетот на РМ до ПИОМ беа префрлени дури 28,5 милијарди денари (463 милиони евра). Како зголемувањето на буџетот за одбрана за повеќе десетици милиони евра секоја година ќе се одрази врз капацитетот на државата да врши трансфер на буџетски средства до ПИОМ? Или, владата планира „елегантно“ да го реши тој проблем, зголемувајќи ја старосната граница за пензионирање?
Здравството ни е во катастрофална состојба. Нужно се потребни значителни вложувања за санирање на состојбите. Од каде ќе се обезбедат тие пари ако буџетот биде дополнително оптоварен во значителна мера поради новите крупни издатоци предизвикани од зачленувањето во НАТО? Или, можеби најсоодветно ќе биде власта новите тенкови што сигурно ќе ги купи поради модернизација на вооружувањето согласно НАТО стандардите – да ги паркира пред болниците. За граѓаните, кога ќе добијат лоша здравствена услуга да можат да се тешат: „можеби немаме соодветни апарати по болниците, можеби болниците ни се руинирани, а лекарите бегаат, но затоа може да се гордееме што сме членка на НАТО!“
Приврзаниците на НАТО се доста гласни во паушалните тврдења дека зачленувањето во НАТО ќе донесе нови инвестиции. Еве што кажуваат бројките. Во 2017 година вкупниот износ на директните инвестиции изнесуваше 229,1 милиони евра. Просекот на директните инвестиции во последните пет години (2013-2017) е за нијанса повисок – 235,1 милиони евра годишно. Ако главниот адут за зачленувањето во НАТО е зголемувањето на директните инвестиции, тогаш тие преку 100 милиони евра годишно што се подготвени да ги фрлаат на исполнувањето на НАТО стандардите, ако мислат дека тие пари можат да ги најдат во буџетот – нека ги инвестираат. На ниво на директни инвестиции од 235 милиони евра, инвестирањето на дополнителни 104 милиони евра секоја година не може да не се одрази позитивно на намалување на невработеноста и сиромаштијата и подигнување на животниот стандард на народот. Далеку повеќе отколку фрлањето на тие пари за исполнување на НАТО стандардите!
Ова го кажуваат бројките и здравиот разум. Настрана од прашањето околу името, зачленувањето во НАТО ќе има реперкусии по нашиот животен стандард, реперкусии кои не смееме да ги занемариме, реперкусии поради кои ниту под уставното име не треба да прифатиме зачленување во НАТО. Пропагандата на властодршците е сеприсутна. Шират ирационални стравови, го лажат народот со празни ветувања и кули во облаци. Но, не смееме да го изгубиме здравиот разум. А ако го изгубиме, тогаш си заслужуваме, нека паркираат по еден тенк пред секоја болница и… да им се восхитуваме.