Во последните шест години, по еден цел град луѓе, како бројка заминуваат, треба да се спречи цела Македонија да заличи на Галичник, вели Груевски
Во последните шест години, по еден цел град луѓе, како бројка заминуваат од Македонија, вели поранешниот премиер Никола Груевски.
„Во третиот квартал (јули-септември) 2017 година во Македонија имало 954.814 работо-способни и активни лица, додека во третиот квартал (јули-септември) во минатата 2022 година таа бројка се намалила на 808.328 лица, или поточно кажано, речиси 150.000 лица ја напуштиле Македонија (при отприлика ист број на пензионери). Во овие бројки не се сметаат иселените деца и пензионери, па заедно со нив бројот е сигурно многу поголем.
Македонија секогаш имала иселување, но ова сега е рамно на погром. Годишно заминува по еден цел поголем град, ако добро се анализираат бројките.
Запрепастувачка е оваа информација од државниот завод за статистика чии податоци го покажуваат резултатот на работењето на владата предводена од СДСМ кои покажуваат една споредбена анализа од која произлегува дека за периодот на третиот квартал 2017 година, кога само што беше устоличена актуелната власт, и третиот квартал (јули-септември) 2022 година, намален е бројот на активно население за околу 150.000 граѓани, што значи дека населението од Македонија забрзано се иселува.
Тоа значи дека во тие пет години просечно за 30 илјади луѓе се намалувал бројот на работно способно население, од кои веројатно е дека најголем дел се иселени, веројатно над 90 проценти, а помал процент се однесува на наталитетот, односно на разликата во поголемиот број на луѓе кои исполниле услов за пензија и помалиот број на оние млади луѓе чии години достигнале број да влезат во групата на работоспособни.
30.000 работо-способни заедно со веројатно уште 5.000-10.000 заминати а кои не се работо-способни (деца и пензионери), тоа е она што напишав: цел еден поголем град од Македонија.
Ова е податок од пред една година. Ако тој тренд продолжил, а нема ништо што во последните 12 месеци оди во правец тој тренд да е запрен или забавен, тоа значи дека бројката на работно способни граѓани на Македонија во овој трет квартал (јули-септември) во 2023 година веројатно повторно ќе се намали за нови околу 30.000 лица, или севкупно од инсталирањето на власт на Заев и СДСМ во 2017 година, бројот би бил за околу 180.000 работоспособни луѓе помалку во Макеоднија. Бројка во која над 90% се иселени.
Ако ова не се запре со нови политики кои ќе ги задржат луѓето во Македонија, за 20 години Македонија ќе брои околу 1,2 до 1,3 милиони жители од околу 2 милиони колку што беше кога под налетот на политичкиот прогон бев принуден да заминам од Макеоднија и да побарам политички азил.
Овој тренд ќе има многу последици, политички, економски, демографски, социолошки итн.
Секако дека влезот во ЕУ ќе отвори нови фондови кои ќе помогнат многу луѓе да добијат добри можности и да останат во земјата, а за самиот влез ќе треба да се обезбедат повисоки стандарди што оди во правец на забавување на иселувањето.
Но, со вакво водење на земјата, и со вакви неправди, негрижа, корупција, непотизам, немање еднакви можности за сите, немање економска визија, проекти, перспективи, исправни економски политики и успеси, разочарувања од аспект на предавства на националните интереси, неодговорност на секој чекор и на секое ниво, тоа ќе компензира во обратен правец, и нема многу да ги промени трендовите, особено кога ќе се земе во предвид дека зачленувањето ќе значи и целосна либерализација на движењето на трудот, односно секој граѓанин ќе може без никаква административна пречка да работи во сите земји членки на ЕУ, што како и во дел од другите источни земји, особено по влегувањето во ЕУ, многумина го користат.
Јасно е и дека повеќето земји на ЕУ со години водат тивки политики на привлекување на работна сила од земји со не многу различна култура, како балканските земји, Украина, кавказките држави и слично.
Тие за да обезбедат непречен економски развој во економскиот натпревар со САД и Кина, а во услови на многу лоша демографија кај нив, мораат да ги пополнат потребите за работници и секако ако не ги пополнат од овој “базен” на расположливи човечки ресурси, ќе мораат да ги пополнуваат од друг базен, од типот на африканските земји, Авганистан и слични, чија култура е многу различна, кои многу потешко се вклопуваат во нивната култура и средина, живеат гетоизирани и кои им создаваат големи главоболки, како на пример што Шведска веќе има доста предизвици на планот на безбедност на граѓаните особено во некои места заради зголемен криминал.
САД на пример главно “пополнува” од средна и латинска Америка.
Кина до скоро немаше таков проблем, но предолгото водење на политика на “едно дете” ја втурна во демографска рецесија која ќе потрае, иако веќе политиките се променија на тој план, што може да создаде ситуација во иднина и ним да им се потребни повеќе луѓе, кои веројатно би ги привлекле од азискиот континент.
Затоа некои европски држави ги олеснуваат условите за добивање на работна виза за работници од балканските земји, затоа некои ЕУ земји ги финансираат трошоците на многу училишта за изучување на нивниот јазик со кои подготвуваат луѓе за преселување кај нив по десетина или петнаесет години, итн.
Дури и во 2024 година да дојде влада која ќе биде супер способна, а прашање е дали ќе дојде, после овој погром во овие шест години, сигурно ќе и требаат барем три до пет години да се почуствуваат резултатите од нејзините добри политики, да ја врати државата во еден нормален тек и да ги убеди луѓето или поголем дел од нив, дека може да имаат подобар живот во Македонија.
Оттука, најмалку, односно во најдобар случај, во случај идната влада да е многукратно поспособна од сегашната, уште 3-4 години овој иселенички погром што се случува во минатите шест години и денес, ќе продолжи со речиси ист интезитет и Македонија ќе продолжи забрзано да се празни.
Ова значи, независно на плановите, желбите и надежите за влез во ЕУ, на Македонија и треба способна влада, способни луѓе на чело на земјата, со визија и капацитет за да ги задржи или барем делумно да ги задржи оние кои незапирливо заминуваат, овозможувајќи им подобар живот и можности во Македонија.
Во спротивно, цела Македонија се помасовно ќе се празни.
Галичник некогаш беше синоним за иселено село во многу живописен крај. Сега ги има многу “галичници” а и градовите забрзано се празнат.
Наместо губење време на неработење и “вадење на очите меѓу себе”, треба да се спречи цела Македонија да заличи на Галичник“, додава тој.